За време на молкот, ЦИВИЛ регистрира агитирање, кинење плакати, говор на омраза…

Набљудувачите на ЦИВИЛ – Центар за слобода забележуваат низа на нерегуларности во текот на референдумскиот молк. Активистите од „двете страни“ продолжуваат со агитација граѓаните да го бојкотираат референдумот или да излезат на гласање.

Забележано е кинење на плакати (пропаганден материјал), на подрачјето на селата Таринци, Радање и Балван во општина Карбинци.

Понатаму, во повеќе извештаи на набљудувачите се нотира непрекината и активна кампања на социјалните мрежи. Кршењето на изборниот молк на социјалните медиуми, како и говорот на омразата се бележи и архивира од набљудувачите и од Тимот за анализи и координација на ЦИВИЛ.

До доцна минатата ноќ, активистите на Бојкотирам повикуваа на бојкот, а дел од нив користеа и екстремен говор на омраза на социјалните мрежи.

ЦИВИЛ ги повикува граѓан(к)ите да продолжат да пријавуваат нерегуларности, заплашувања, поткуп и го повторува апелот до надлежните институции да реагираат на сите пријави соодветно и согласно со законите.

Тимот за анализи и координација на ЦИВИЛ прими десетици повици од граѓанки и граѓани од целата земја, со прашања поврзани со гласачките права, како и за референдумскиот молк.

Д.М.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English