Ефективно учество на граѓан(к)ите императив за здраво демократско општество

Ефективното учество на граѓанките и граѓаните во носење одлуки на локално и централно ниво во Македонија се покажа како неопходност во процесот на градење на демократија и заштита на човековите права и слободи.

Граѓан(к)ите и нивните организации можат вистински да учествуваат и да влијаат врз јавните политики и процесот на донесување одлуки на локално, национално и глобално ниво или нивното ефективно учество е дел од барањата на Граѓанската повелба за да можат сите граѓанки и граѓани да ги уживаат своите права и слободи.

ЦИВИЛ е организација која во борбата за човековите права и слободи секогаш е во контакт со граѓанките и граѓаните, на терен, меѓу другото и преку промоција и застапување на барањата на Граѓанската повелба.

Од многубројните теренски активности, работилници, анкети и разговори со претставниците на граѓанските организации, се покажа дека активното учество на граѓанките и граѓаните во решавање на нивните проблеми, но и остварување на нивните цели за општествено добро е императив за здраво демократско општество.

Анкетите покажаа дека локалната власт има отпор кон мешање во нејзиниот начин на справување и решавање на проблемите на нивна територија. Иако локалните самоуправи во Македонија долг период беа во спрега и под силно влијание на централната власт, со промената на власта, процесот на осамостојување е бавен.

Ваквата состојба ги доведува граѓанките и граѓаните, од една страна да бидат револтирани бидејќи видливо ништо не се менува, а од друга страна вкоренетиот страв од преземање акција која може да им наштети, создава пасивно, отколку активно граѓанство.

Сепак, ЦИВИЛ покажа видливи успеси во поттикнување на активното граѓанство и јакнење на јавната свест за граѓанските политики и нивната ефективност.

Поддршката што граѓанките и граѓаните ја дадоа кон Граѓанската повелба, на јавните настани по плоштадите низ Македонија, покажа дека има волја и потреба од нивна соработка со претставниците на локалната самоуправа, затоа што, како велат, тие најдобро знаат што им е потребно и приоритетно во нивната заедница.

Работилниците „Граѓанска повелба – Што има тука за мене“ во Скопје и Куманово беа наменети за поттик на меѓусекторска соработка и партнерство меѓу граѓанското општество, локалната и централната власт, медиумите, бизнис заедниците и политичките партии во сферата на граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво.

ЦИВИЛ преку меѓусебна интеракција им укажа на учесниците од овие сектори на општеството дека доколку има желба, од една страна, и политичка волја од друга страна, заедничката соработка ќе го поттикне ефективното учество, но и ќе придонесе кон промените што им се потребни на граѓанките и граѓаните на локално и централно ниво.

Граѓанската повелба беше промовирана и преку информативни штандови, а е достапна на сите јазици што се зборуваат во земјата.

Проектот е поддржан од Меѓународниот центар за граѓанско општество.

Биљана Јордановска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English