Дерала за ТВ21: Има причини за одложување на изборите, но не и на оставката на Груевски!

Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, изминатиов викенд гостуваше на ТВ 21 во емисијата „10 минути“. Во интервјуто за оваа национална телевизија, Дерала истакна дека непочитувањето на договорот од Пржино и нереализирањето на роковите за клучните реформи создава услови и атмосфера за одложување на терминот на изборите, но тоа никако не треба да значи дека треба да се одложи и оставката на премиерот Груевски и другите мерки кои се дел од Договорот од Пржино.

Џабир Дерала„Самото пролонгирање на изборите, всушност, е последица на непочитувањето на договорот. Ако му дозволите на премиерот да го пролонгира рокот на оставката, излегува како да го наградувате. Не сте постигнале ништо. Тој повторно ќе продолжи со истиот курс, со истата практика, затоа што во овие десет години, не сме виделе поинаков концепт од оној кој премиерот го има зацртано и до кој тврдоглаво се држи“, истакна Дерала.

Според него, изборите треба да се одложат и поради кусокот на времe за прочистување на Избирачкиот список што е еден од клучните критериуми за фер избори.  Дерала изрази песимизам дека со ова темпо до април ќе се расчисти случајот со т.н „фабрика за фалсификувани лични карти“, како и аферата со прислушувањето што треба да ја истражи Специјалното јавно обвинителство.

„10 минути“Дерала се осврна и на притисоците врз гласачите, особено врз оние вработени во државната и јавната администрација и во компаниите во кои партиите на власт имаат големо влијание. „Граѓанките и граѓаните се практично клиенти на еден центар на моќ. Во таа клиентелистичка спрега, секој што има шанса да заработи, макар нешто, бедно и мизерно  во текот на еден месец, мора, за да заработи и идниот месец, буквално и да се клања некогаш, да одработува партиски агенди, да биде активист и да врши притисок врз други, прво врз врз своите сопствени роднини и семејство, врз своите пријатели а потоа, и врз својата поширока околина, за да може да искаже благодарност. Зошто? Затоа што работи. Јас колку што знам, во Уставот, во законите, во Универзалната декларација за човекови права, стои дека секој има право на работа, и секој има неприкосновено право да биде достоинствено награден за својата работа, а не да кажува „фала“ затоа што работи“, поентираше Дерала во интервјуто за ТВ 21.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=WEn5Uk_mDuA[/youtube]

Целосното интервју на претседателот на ЦИВИЛ можете да го пронајдете на следниот линк: http://tv21.tv/mk/?p=61982

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian