Невладините бараат поддршка од меѓународната за слободни избори

„На почетокот од нашето обраќање, го изразуваме нашиот став дека во овој момент не се исполнети клучни услови, ниту постои поволна атмосфера за одржување фер, слободни и демократски парламентарни избори, кои ќе ја вратат довербата на граѓаните дека во Македонија е возможно слободно да се одлучува и дека граѓанската одлука ќе биде испочитувана од институциите и од сите политички партии. Треба да се обезбедат услови за спроведување  на слободни избори, а не само датум за нивното спроведување. Доколку не се обезбедат добри услови, граѓанските организации ќе ги бојкотираат изборите“, изјави Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар во име на граѓанските организации, платформи и иницијативи, кои денес одржаа прес-конференција пред Делегацијата на Европската унија во Скопје.

По писмото испратено до еврокомесарот Јоханес Хан на 14 јануари граѓанскиот сектор и денес побара целосно спроведување на  Договорот од Пржино и спроведување на вистински реформи за фер и демократски избори, департизација на судството, слободни медиуми...

Прес ЕУ78 граѓански организации, платформи и иницијативи, меѓу кои е и ЦИВИЛ – Центар за слобода, денес го претставија своето писмо испратено до претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини, делeгацијата на ЕУ во Македонија, пратениците во Европскиот парламент, раководителот на Сениорската експертска група - Рајнхард Прибе, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадите на сите држави-членки на ЕУ кои имаат свои претставништва во Македонија и до Амбасадата на САД, а една копија му е доставена и на еврокомесарот Хан.

ЦИВИЛ перманентно ги објавува своите препораки и анализи до меѓународната заедница и останатите носители на одлуки за надминување на политичката криза и за условите кои ќе придонесат за фер, слободни и демократски избори.

И во последната анализа на 10 јануари „Само слободни избори се шанса да се врати владеењето на правото“, ЦИВИЛ изнесе констатации и барања кои се совпаѓаат со оние наведени во денешното писмо на граѓанскиот сектор. ЦИВИЛ упатува силна препорака до меѓународната заедница за сериозно разгледување на препораките од граѓанскиот сектор.

 

Print Friendly, PDF & Email