Костовски, член на ад-хок телото: Очекувам опструкции, но ветувам принципиелност!

Согласно со Договорот во Пржино, ад-хок телото или Привремената комисија за следење на медиумското претставување за време на изборниот процес, требаше да биде формирана до 19-ти август. Но, решенијата од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми, на членовите на ад-хок телото им биле врачени со еднонеделно задоцнување од денот на потпишување. Сепак, сметаат од Комисијата тоа не е проблем, затоа што, според законските акти, ова ад-хок тело ќе почне да функционира дури од 100 дена пред избори.

Сегашните четворица членови: Љубомир Костовски и Горан Трпеновски, (предлог од СДСМ ) и Слаѓана Димишкова и Цветин Чилиманов (предлог од ВМРО –ДПМНЕ) до 21-ви август треба да го изберат петтиот член, кој на нивен предлог ќе биде именуван за претседател на ад-хок телото, со решение од директорот на Агенцијата за аудио и адиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски.

 

foto mediumi-ad hok telo

 

Според Пржинскиот договор, ова ад хок тело треба да обезбеди минимална медумска регулација во периодот од околу три месеци пред избори. Поточно, очекувањата на опозиционите партии се, дека сепак, ќе се скрши еднодеценискиот медиумски мрак и ќе се обезбеди поголем проток на објективни вистини, на балансирани информации до јавноста од медиумите кои се директно под „капата на власта“, а кои се во огромен број.

Од друга страна, реакциите на еснафските здруженија, ЗНМ, ССНМ..., како и експертските оценки се дека ова ад-хок тело не е солуција за проблемите во медиумската сфера.

За сите овие проблеми, ЦИВИЛ Медиа разговараше со еден од членовите на ад хок телото, Љубомир Костовски.

ЦИВИЛ Медиа: Бурни се реакциите на екпертската јавност, на еснафските здруженија, на новинарите на социјалните мрежи и тие не стивнуваат. Едноставно сите се сомневаат дека ад-хок телото е решение за проблемите во медиумската сфера. Сметаат дека со именувањата членови на партиски предлог, во старт се ограничува медиумската слобода. Кој е Вашиот коментар?

КОСТОВСКИ: Сите тие работи за кои зборуваме не можат да се решат сега, кога имаме итни рокови и кога ќе имаме избори. Еве, тоа е како да знаете дека ќе почне фудбалски натпревар и да знаете дека голот ќе остане без голман. И сега, кога опозицијата има макар и мала шанса тој огромен дисбаланс да го исправи, вие сега терате правда. За сето ова што го зборуваме, имаше многу време наназад и има уште многу време пред нас. Тоа не се работи кои се решаваат во еден ден, во еден, три месеци или година. И за тоа сме сосема свесни. Прашањето на таа еснафска саморегулација, кај нас, во Македонија, не се покажува добро. За другите држави не можам да зборувам, но овде кај нас, таа не е успешна.

ЦИВИЛ Медиа: Но, како да се обезбеди таа регулација на медиумите?

КОСТОВСКИ: Напротив, саморегулацијата нас не тера на некаков внатрешен опортунизам, бидејќи кога ќе бидеме оставени сами на себе, ние сме малку подготвени да се казнуваме меѓу себе. А тоа, претпоставува дека за известување кое не е во согласност со новинарската етика, треба да следува некаква казна. Тоа треба некој да го прави, да биде тело кое што еве ќе го избере ЗНМ, синдикатот и тоа треба така да функционира. Но, јас не гледам дека другите здруженија ќе го имаат и дека не може никој да го гарантира тоа. А, кога зборуваме дека треба да имаме реформи..., ние немавме досега некој претседател на ЗНМ, кој со папка дојде на избори и рече: еве ја мојата реформа и јас сум тука пред вас, за да ја спроведам... Немаме ние конкретна реформа и зборуваме само за некакви флоскули, тоа се навистина празни зборови. Немаме ништо конкретно па да речеме - „чекајте уште две недели, па ќе помине“. А, натпреварот, односно изборите, ќе почнат. Еве, да ја видиме и другата страна. Што ќе се случи да го немаме ова тело?! Знаеме како Агенцијата ја врши својата работа, затоа се формираат овие специјални тела. Ако имаше Јавно обвинителство како што треба, немаше да има Специјално обвинителство. Ако Агенцијата си ја работеше работата како треба, немаше да има ад хок тело, што ќе ги следи медиумите. Значи така, ние доаѓаме до една ситуација во која ни медиумите не ни се битни. Бидејќи изборите ќе поминат и без медиуми, во тоа треба да бидеме сигурни. Без вистинска медиумска контрола, ние ќе добиевме уште помалку фер изборен натпревар за политичките субјекти. Актите генерално, не се лоши. И претходниот, и овој што сега се подготвува, се според светски модели.

 

kostovski 2

ЦИВИЛ Медиа: Но, само доколку се почитуваат?

КОСТОВСКИ: Ако се почитува сето тоа, мислам дека нашата работа ќе биде многу едноставна. Значи, имаме и новинарска етика, ги знаеме тие правила на игра, тие квалитативни определувања. А, за квантитативните ќе ни помага Агенцијата, бидејќи ја има таа техника за да може да ни дава информација, а оној квалитативниот, треба ние сами да го разгледуваме. Меѓутоа, знаете, мора да го правите тоа, за да можете да видите. А, што можеме да правиме?! Да не го правиме тоа и да речеме дека е ОК - ситуацијата? Мислам дека никој не ја гледа другата страна на проблемот. Можеше да поминат избори, без комплетна медиумска неизбалансираност. Ќе биде секако тешко, јас ви тврдам. Ние на крајот на краиштата, имаме медиуми, коишто можат да ги платат и казните, ако се разбира дојде до нив, сега зборуваме хипотетички... И пак да продолжат со таа практика, зашто, тие медиуми се финансиски многу моќни.

ЦИВИЛ Медиа: Очекувате пречки и сопирачки ?

КОСТОВСКИ: Па, очекувам сопирачки и би било несериозно да не го знаете тоа. Тоа се моќни медиуми, коишто со сила, со свое влијание, веројатно ќе не напаѓаат. Во овој миг, главно не напаѓаат опозиционите медиуми, затоа што мислат дека сме некакво ад-хок тело, кое што не е потребно. А, потоа очекувам дека и другите колеги ќе почнат да напаѓаат, од провладините медиуми, и сигурно ќе бидеме под голем пресинг, но мора од некаде да се почне.

ЦИВИЛ Медиа: Што ветувате?

КОСТОВСКИ: Ветувам, гледано од мој аспект, дека ќе бидеме принципиелни, истрајни до крај.Се разбира дека јас ништо не можам да тврдам, што кому е во глава, но во една нормална атмосфера и доколку бидеме оставени да работиме како што треба, ќе се направи барем некаква патека, по која другите генерации кои ќе дојдат по нас, ќе бидат поуспешни.

Моника Талеска

Камера: Дехран Муратов

Монтажа: Ермин Климента

Print Friendly, PDF & Email