Фантомите од Долно Перово

Во ресенското село Долно Перово, од околу 200 жители, запишани во единствениот Избирачки список, речиси 60-мина се „фантоми“, јавуваат набљудувачите на ЦИВИЛ - Центар за слобода.

Жители на Долно Перово посочуваат имиња и презимиња на гласачи запишани во списокот, кои воопшто не живеат во селото, ниту, како што велат, некогаш живееле таму. Според перовчани, меѓу нив  има и жители од Мала Преспа, кои се евидентирани како гласачи во овој список.

„По потекло сме од Долно Перово, наизуст ги знаеме сите жители. Знаеме кој е, од која куќа, кои им се синови и ќерки, кои им се внуци, каде живеат... Тоа е мала средина со околу 150 жители, и сите се познаваат меѓу себе. Овие гласачи се внесени дополнително во евиденцијата, а ни случајно, не се жители на селото. Меѓу запишаните за кои со сигурност тврдиме дека се фантомски гласачи, има и граѓани на Мала Преспа, кои се евидентирани овде, со место на живеење“, изјавија граѓани на Долно Перово за ЦИВИЛ Медиа.

ИЗБИРАЧКИ СПИСОК

Набљудувачите на ЦИВИЛ ги продолжуваат проверките на терен. ЦИВИЛ Медиа денеска се обиде да ги побара телефонските броеви на најголемиот дел од посочените гласачи на таа адреса. Чудно е како ниту еден од гласачите за кои се тврди дека се „фантоми“, нема регистриран телефонски број. Ова уште еднаш фрла сенка врз веродостојноста на гласачите од Избирачкиот список.

Тешко го воспоставивме контактот и со Одделот за односи со јавност во Државната изборна комисија. Откако сепак успеавме да стапиме во контакт, во попладневните часови, очекуваме набрзо одговори од ДИК за конкретниот случај, на прашањата - дали и ова ресенско село било опфатено со активностите за ревидирање на единствениот Избирачки список и дали овие лица се дел од долгиот список од преку 30.000 фантомски гласачи?

Во меѓувреме, до ЦИВИЛ пристигнаа и многу други поединечни реакции на граѓани. Меѓу нив, еден случај е особено интересен. При исплата на долг кон УЈП, граѓанин, жител на населба Топанско Поле, којшто никогаш не ја сменил адресата на живеење, открил дека со неговите генералии и со неговиот единствен матичен број, постои уште едно лице, негов „фантом“ кој живее на друга адреса, во друга населба во Скопје. Од ДИК побаравме одговор и за овој случај.

ЦИВИЛ- Центар за слобода денеска на прес конференција посочи на бројни аномалии, недоследности, манипулации, кои потврдуваат дека единствениот Избирачки список не е прочистен и дека недостигаат уште многу предуслови за фер, демократски и кредибилни избори.

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email