Савески: Условите за регуларни избори се минимални

Предизвиците со кои политичките партии, а со нив, и граѓанките и граѓаните во Македонија ќе се соочат и овие избори, ни оддалеку не гарантираат фер и демократско спроведување на изборниот процес.

Извештаите на ЦИВИЛ од изборното набљудување во 2013 и во 2014, како и извештајот, анализите и препораките од едногодишното набљудување на продлабочувањето на политичката криза: „Слободни избори: Услов за кој не се преговара“, укажуваат на ризикот од уште еден изборен процес со голем број нерегуларности, со валкана борба за медиумски простор, политичка корупција, структурно насилство, меѓуетнички тензии и низа други проблеми.

Како новоформирана партија, Левица се соочува со голем предизвик да се етаблира на политичката сцена и да изгради доверба кај гласачите. ЦИВИЛ Медиа разговараше со Здравко Савески, член на Президумот на Левица, овојпат за конкретната платформа со која ќе се претстават на изборите, за нивните очекувања од изборниот процес, како и за нивните ставови за граѓанското општество и улогата на Државната изборна комисија.

ЦИВИЛ Медиа: Можете ли накратко да ја претставите програмата на вашата партија?

САВЕСКИ: Ние акцент ќе ставиме на подобрување на животниот стандард на широкото мнозинство на населението, наподобрување на работничките права и на демократизација на земјата. Што се однесува до подобрување на животниот стандард, нашиот предлог ќе биде воведување на минимален гарантиран приход од 12.000 денари за четиричлено семејство. Тоа ќе биде нашата носечка идеја. Ние сметаме дека Македонија не е толку сиромашна земја за да има толку голема стапка на сиромаштија, но треба парите да се насочат во вистинска насока.

Работничките права се многу важни бидејќи, меѓу другото, нашите работници се експлоатираат и угнетуваат на работното место, а тоа се случува поради неправедните закони и поради тоа што Државниот инсекторат за труд - спие. Парите ќе ги најдеме со укинување на привелегиите и ќе ги намалиме превисоките плати на функционерите, да не тонат како бубрег во лој, додека граѓаните, едноставно, гладуваат.

Многу важен дел кој сите го знаеме е дека на Македонија и недостасува демократија. Но, она со што ние не би се задоволиле е враќање на нивото на демократија во 2006 година, бидејќи и тогаш, ние немавме некое високо ниво на демократија. Не зборувам само за медиумските слободи, зборувам многу пошироко.

Изграден е систем на спречување на граѓаните да можат да влијаат врз процесите во донесување на одлуки. Тие бариери што постојат во законите, Левица има намера да ги укине, со цел да се отвори дополнителен простор за демократизација на Македонија, на далеку повисоко ниво од сега, но и од 2006 година.

Савески

ЦИВИЛ Медиа: Дали и како ќе ги третирате темите од областа на меѓуетничките односи кои, очигледно, се водечка тема во безмалку сите изборни процеси?

САВЕСКИ: Во Македонија меѓуетничките односи би биле драстично подобри ако не беа досегашните политички партии кои секогаш се обидуваат да го потпалат национализмот кај Македонците, Албанците или останатите етнички заедници. Последните години, нашиот народ покажа дека не паѓа така лесно на ефтините политички финти кои ги пласира режимот.

Левица е антинационалистичка партија и надетничка партија. Ние имаме членови од различни националности, обединети зад идејата дека додека тие нé грабаат, ние се мразиме, а ние мора да престанеме да се мразиме по етничка линија и мора да се свртиме кон реалните проблеми со кои реално се соочуваат напите луѓе.

Исти проблеми има сиромашниот граѓанин Македонец и сиромашниот граѓанин Албанец и мора тие да си ги обединат своите интереси. Мора да престанат да им дозволуваат на елитите, без разлика дали македонски или албански, да продолжат да ги крадат.

Левица цврсто стои на позицијата на борба против национализмот и за меѓуетнички соживот. Тоа е еден од принципите на кои е формирана Левица и ние мислиме дека иднината на во Македонија им припаѓа на мултиетничките  партии.

ЦИВИЛ Медиа: Кои и какви нерегуларности очекувате во овој изборен процес?

САВЕСКИ: Со првиот и со вториот договор од Пржино се дава можност за најминимални услови за регуларни избори, од фер и демократски избори сме далеку. Некој минимум на регуларност можно е да има на овие избори, но не е за исклучување дека режимот ќе се обиде со некои изборни нерегуларности, особено да заплашува граѓани. Она што би сакале да им порачаме на нашите сограѓани е дека некој може да се обиде да заплашува, но од самите граѓани зависи дали тие ќе паднат на тоа заплашување или не. Од сите нас зависи дали ќе продолжиме да живееме во страв или сме подготвени да свртиме нова, посветла, страница во нашата земја за сите нас.

Савески

ЦИВИЛ Медиа: Рековте дека режимот ќе се обиде да спроведе некои од изборните нерегуларности кои беа чести во претходните изборни процеси. Дали тоа подразбира поголем притисок врз граѓаните, закани, уцени, злоупотреба на јавни ресурси... ?

САВЕСКИ: Да, ќе има обиди за злоупотреба на јавни ресурси, но од нас зависи, дали тоа ќе го дозволиме. Тие ќе се обидат тоа да го направат. Ќе има обиди за заплашување, но она што се гледа на терен е дека граѓаните веќе се охрабрени и затоа апелираме до оние граѓани кои сé уште се плашат да се огледаат на останатите свои сограѓани кои престанаа да се плашат. Ако приказната на стравот на ВМРО-ДПМНЕ не помине кај нив, тогаш ВМРО-ДПМНЕ сигурно ги губат изборите и ние заеднички ќе доживееме победа над режимот.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се пораките на Вашата партија до граѓанското општество? Како ја гледате улогата на граѓанското општество во изборниот процес?

САВЕСКИ:  Граѓанскиот сектор треба да повикува на фер и демократски избори и да се вклучи во набљудувањето на изборите. Она што особено е многу важно од гледна точка на граѓанскиот сектор е нивната позиција по изборите, вo случај ако падне режимот. Тогаш треба да внимава и на следната власт, која и да биде таа, да не почне да прави грешки. Една од големите грешки што сите ја направивме како општество е што им дозволивме на претставниците на сегашниот режим преголема слобода која тие ја злоупотребија, се корумпираа и потоа, преминаа во голема корупција. Дури тогаш, ние како општество се освестивме. Таква шанса не смее да добие ниту една власт, вклучително ниту следната власт.

ЦИВИЛ Медиа: Колку и на кој начин медиумите ќе придонесат или ќе наштетат во спроведувањето на изборниот процес?

САВЕСКИ: Медиумите кај нас не се објективни и тоа, за жал, не зборувам само за прорежимските медиуми, туку и за оние медиуми кои, иако се претставуваат како независни, сепак, се блиски до одредена опозициска опција. Има некои стандарди кои се во согласност со пржинските преговори и ако се почитуваат тие стандарди, можно е да има поголема медиумска застапеност на сите политички фактори, онака како што и личи на една демократска земја.

Особено би ја нагласил моралната одговорност на опозициските медиуми, бидејќи тие се борат за слобода на медиумите. Ако тие ја нарушуваат слободата на медиумите, а притоа, тврдат дека тоа го прават и дека тоа ги прави различни во однос на медиумите на режимот, тогаш граѓаните дополнително ќе се демотивираат и ќе продолжат со приказните и со убедувањето дека сите се исти.

ЦИВИЛ Медиа: Како ја гледате улогата на Државната изборна комисија и дали сметате дека оваа институција ќе одговори на очекувањата и на законските обврски и овластувања во спроведувањето на изборниот процес? Ова, особено ако се има предвид дека во ДИК има претставници само на големите политички партии. Дали сметате дека експертите во составот на ДИК ќе ја балансираат моќта на партиите во оваа институција?

САВЕСКИ: Еве, да бидеме малку пооптимистични. Она што јас мислам е дека сегашната поставеност и структура на сегашната Државна изборна комисија е подобра гаранција за фер и демократски избори или за регуларни избори, отколку тоа што беше предходната поставеност и структура на ДИК која ги организираше претходните избори. Останува да видиме, секогаш има простор за злоупотреба во Македонија, но она што сите ние треба да го направиме, и политичките партии и граѓанскиот сектор, е постојано да внимаваат на работата на ДИК, со цел да се стесни просторот за можни манипулации и злоупотреба на моќта.

Биљана Јордановска 

камера: Џабир Дерала

                Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English