ЗНМ: Владата сака да ја убие секоја критика во медиумите!

„Власта сака медиумите да ги претвори во огласна табла и да ја убие секоја критика во медиумите“, истакна претседателот на Здружението на новинарите на Македонија - ЗНМ, Насер Селмани, на денешната јавна расправа во Собранието, којашто ја организираа Комисијата за транспорт, врски и екологија, за Предлог-законот за информативни и рекламни кампањи на јавните институции. На расправата учествуваа пратеници, претставници на Здружението на новинарите и на медиумите.

Претседателот на ЗНМ, Селмани силно се спротивстави на идејата за донесување на законот, којшто според него, е противуставен и ја суспендира слободата на медиумите, без која не може да функционира ниту едно демократско општество. Тој потенцираше дека законот ќе ги легализира и проширува коруптивните односи меѓу власта и сопствениците на медиумите.

selmani

„Во 2013, при медиумски пазар од 20 милиони евра, Владата учествувала со 7 милиони, со што Владата учествувала со над 30 отсто во финансирањето на медиумите. Познато е дека  оној што ги финансира медиумите и ги контролира. Намерата е јасна - да ги претвори медиумите во огласна табла на Владата и да ја убие секоја критика во медиумите“, рече Селмани.

Според него, владините реклами немаат никаков јавен интерес, туку претставуваат чиста партиска пропаганда на владејачките партии.

„Што е работата на министерот за здравство, ако не - да гради болници, да ги опремува болниците, просто, да ги подобри здравствените услуги на граѓаните. По таа логика, и Собранието треба да има медиумски кампањи и да се фали за донесените закони, или лекарите да се фалат дека лекуваат болни. Ова споредба ја правам за да покажам до кој апсурд се отидени работите!“, посочи Селмани.

Наместо владини реклами, ЗНМ се залага за субвенционирање на медиуми, со кои Владата ќе финансира производство на медиумска содржина од јавен интерес.

ЦМ

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian