Му ја укинале социјалната помош затоа што добил пари за лечење на сопругата

На Африм Аслани му ја укинале социјалната помош затоа што минатата година добил пари преку Western Union за лечење на сопругата, на која и бил откриен тумор. Неколку месеци по операцијата, лекарите утврдиле дека туморот е малиген, односно дека има рак, од кој подоцна починала.

„Кога дознав дека жена ми има тумор, отидов во Социјално да побарам еднократна парична помош, но оттаму ме одбија. Бидејќи немав никаква финансиска помош, им се јавив на браќата на жена ми, кои живеат во Германија, и им кажав дека нивната сестра е болна и дека треба да се оперира. Тие веднаш ми испратија пари“, вели Африм Аслани за Цивил Медиа.

Аслани вели дека покрај тоа што останал без сопругата, со 4 малолетни деца, од кои најмалото има само 5 години, уште потешко му е затоа што останал без никава финансиска помош од државата. Згора на тоа, државата му бара да врати околу 600 евра.

„Во февруари оваа година ми ја прекинаа социјалната помош од три илјади денари месечно, затоа што во Управата за јавни приходи нашле дека сум имал приходи во 2014 година. Им објаснив дека тоа не се приходи, затоа што јас не ги заработив, туку дека тие пари се донација за лекување на жена ми“, додава Аслани.

Тој поднел жалба, но веќе пет месеци нема никаков одговор.

Латифе Шиковска од невладината организација ,,Амбрела“, која се наоѓа во Шуто Оризари, за Цивил Медиа изјави дека измените во Законот за социјална заштита од 2015 година влијаат лошо врз социјално загрозените граѓан(к)и.

„Во јануари оваа година  е донесен закон со кој се утврдува дека социјалците не смеат да имаат повеќе од 70 илјади денари приход годишно, но, на многу граѓан(к)и им е укината социјалната помош затоа што имале повеќе приходи од оваа утврдена сума во 2014 година. Друг проблем е тоа што никој не им објаснил дека не смеат да примаат пари од странство преку агенциите за трансфер на пари. Обврска на социјалните работници е да им ги објаснат правата, како и измените во Законот за социјална заштита бидејќи социјално загрозените лица се претежно неписмени“, вели Шиковска.

Таа додаде дека од Министерството за труд и социјална политика треба да се радуваат доколу некој им праќа пари на социјалците, затоа што две-три илјади денари месечно не се доволни за живеење.

„Поднесовме досега околу 40 приговори, но секој ден имаме нови граѓани кои се жалат дека им е укината социјалната помош. Деновиве ќе поднесеме допис до министерството, затоа што со новиот закон социјално загрозените граѓан(к)и сега многу полошо живеат“, рече Шиковска.

Премиерот Никола Груевски пред извесно време најави дека од јуни за 10 отсто ќе се зголеми износот на социјалната парична помош, а за 25 отсто паричниот надоместок за родители на деца со пречки во развојот од материјално необезбедени семејства, како и за семејствата кои згрижуваат деца без родители. Претходно, во изјава за медиумите, министерот за Труд и социјална политика Диме Спасов рече дека значително е намален бројот на приматели на социјална парична помош.

Од Министерството за труд и социјална политика  не ни одговорија на прашањата што им ги испративме по електронска пошта пред два дена.

Дехран Муратов

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian