Илустрација: Мирослав Стојановиќ

Политичко финансирање: Бескрупулозни злоупотреби и партизација!

„Од јули 2015 до јуни 2016, како дел од проектот 'Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани', ЦИВИЛ спроведе набљудување на финансирањето на изборите во Република Македонија. Во овој период, ја искористивме помошта од голем број експерти кои го анализираа Изборниот законик, вклучувајќи ги амандманите кои произлегоа од Договорот во Пржино, со посебно внимание на механизмите за имплементација на законите и контролата врз владините тела. Нашиот тим дополнително спроведе интервјуа со експерти и вработени во институциите, запознаени со финансирањето на кампањите (кои се согласија да говорат за нас, под услов да останат анонимни), а кои ни открија сериозни злоупотреби во областа, дефинирана како политичко финансирање“, стои во анализата на Горан Наумовски, финансиски експерт на ЦИВИЛ – Центар за слобода.

Интегралниот текст на анализата за финансирањето на политичките субјекти и на изборните активности во Македонија, објавена во публикацијата „Слободни избори: Услов за кој не се преговара“, во издание на ЦИВИЛ - Центар за слобода, го објавуваме вопродолжение.

Квалитативните измени и дополнувања на Изборниот законик, кои се однесуваат на финансирањето на изборните кампањи на политичките партии, направени по договорот во Пржино, неминовно го наметнаа прашањето: Дали измените и дополнувањата на Изборниот законик се доволни за да го спречат долгогодишното коруптивно и криминално финансирање на изборните кампањи, но и функционирањето на партиите воопшто, како и лажирањето на финансиските извештаи на партиите? Во член 4 од Законот за финансирање на политичките партии, јасно е пропишано дека финансирањето на политичките партии е јавно и транспарентно, со целосен увид на граѓаните и надлежниот орган за контрола на финансиско-материјалното работење. Исто така, изворите на финансирање на политичките партии се јавни и транспарентни и подлежат на контрола од надлежните органи во оваа област. Член 5 од овој Закон, пак, овозможува секој граѓанин да има право на еднаков пристап во  увидот на финансирањето на политичката партија, но и покрај законската обврска, јавноста речиси воопшто не е запознаена со изворите на средствата за финансирање на партиите и нивното трошење. На веб-страницата на некои политички партии воопшто не се објавени годишни финансиски извештаи, а дел од граѓанската и експертската јавност изразуваат сомневање и во контролата што треба да се спроведува, пред сè, поради партизираните институции (во случајов, надлежното Министерство за финансии) и дали воопшто се врши контрола врз финансиите на владејачката партија.

Не навлегувајќи во натамошна интерпретација на законот, соработката на ЦИВИЛ ‒ Центар за слобода со врвни експерти од Македонија и од Хрватска, резултира со генерална констатација дека законските решенија што ја регулираат оваа материја се главно добри и дека институциите за контрола на финансирањето, барем на хартија, имаат сериозни ингеренции.

finansiranje (2)

Сепак, телата во рамките на институциите задолжени за контрола на финансиското работење на партиите, само констатираат одредени состојби и не преземаат никакви натамошни мерки, што се должи, пред сè, на ограничената независност на овие тела, односно, поради комплетната партизираност на институциите. Имено, во резимето на овластениот државен ревизор за ревизија на годишното финансиско работење на политичките партии, по завршената ревизија, најчесто се изразува мислење со резерва кон вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и кон усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики. Инертноста, партизираноста на институциите и непостапувањето по согледување на одредени незаконски дејства, особено доаѓа до израз во делот на финансирањето на партиите во изборната кампања.

Во Изборниот законик прецизно е наведено дека секоја партија учесник на избори задолжително отвора посебна жиро-сметка, од која партиите можат да ги финансираат своите кампањи (членарини и донации од физички и правни лица) и дека имаат законска обврска да поднесат извештај за приходите и расходите за првите 10 дена и вторите 10 дена од кампањата до ДИК, ДЗР, ДКСК, како и финален извештај најдоцна 15 дена по завршувањето на кампањата. Ако се погледнат овие извештаи од последните предвремени парламентарни и претседателски избори во 2014 година, ќе се констатираат сериозни манипулации, кои се најизразени во извештаите токму на партијата на власт, ВМРО-ДПМНЕ. Во првиот и во вториот извештај се запазени само рокот и формата, но нема приходи од донации, за во финалниот извештај да се појави значителен износ токму од донации, кој подоцна е коригиран, така што разликата меѓу приходите (од членарини и донации) и трошоците е негативна, до денар точно, за износот што треба да го наплати партијата од буџетот според бројот на освоени пратенички места. Овие манипулации се само уште една потврда за коруптивното финансирање на партијата на власт, која нелегално стекнатите пари, кога ќе се појави потреба, преку трансакциските сметки на своите партиски послушници ги уплатува на своја сметка.

denari-1_011110

Во јавноста се појавија повеќе изјави од лица што се на листата на донатори, а не донирале средства. За ваквите практики говорат и повеќе пријави од граѓани до набљудувачките тимови на ЦИВИЛ во текот на изминатите изборни процеси. Нереалноста на извештаите произлегува и од фактот што го опфаќаат само периодот на изборната кампања и сметката отворена за таа намена, а сведоци сме на континуирана агресивна кампања на владејачката партија, која непрекинато се одвива меѓу изборните циклуси. Во периодот 1 јули 2015 – 30 јуни 2016 година, опфатен со проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, ЦИВИЛ констатира бескрупулозно кршење на законите и злоупотреба на буџетски пари и јавни ресурси за промовирање на владејачката партија, со континуирано изедначување на владините активности со партиските. Континуираната теренска активност и долгорочното набљудување на мониторинг-тимовите на ЦИВИЛ, средбите со граѓани, стопанственици, партиски претставници, како и пријавите од граѓанки и граѓани, откриваат фрапантни сознанија за континуирано криминално финансирање на владејачката партија, што посебно се интензивира во предизборните периоди.

Енормните износи на средства со години наназад владејачката партија главно незаконски ги прибира преку коруптивни дејства, притисоци, закани, уцени и низа други недозволени методи. Наместените тендери и задолжителната висока провизија од нив е редовна појава на сите нивоа на практикување на власта, како на централно, така и на локално ниво. Забележана е тенденцијата партиските функционери и вработените во администрацијата што се примени по партиски клуч, да имаат обврска дел од своите приходи да ги внесуваат во партиските каси. Преку партиските вработувања, партиите на власт го зголемуваат своето гласачко тело, но и контото на своите сметки. Затоа, владејачката партија треба да престане да промовира заложба за ефикасна и професионална јавна администрација, а во практика да работи во спротивна насока со секојдневно вработување стотици партиски членови.

Корупцијата е високо изразена и во релацијата меѓу владејачката партија и медиумите. Евидентно е прелевањето на огромен износ јавни пари во одредени медиуми. Ова одлевањето на енормен износ народни пари преку оф-шор компании, во кои не фигурираат, но зад кои стојат одредени партиски моќници, треба да биде предмет на сериозни истраги.

Експертите на ЦИВИЛ се согласни дека партиите се главен извор на корупција. Но за сведување на коруптивните дејства на минимум и за спречување на криминалната практика на финансирање на партиите, неопходно е одвојување на партијата од државата, ефикасно функционирање на правната држава, почитување на законите, професионализација, но и зајакнување на капацитетот на институциите задолжени за контрола на регуларноста на финансирањето на политичките партии и изборните кампањи.

Print Friendly, PDF & Email