Кучињата на неправедниот систем нема да ме замолчат

На едно од моите речиси секојдневни патувања низ Македонија, ми пријде еден сограѓанин на улица, кај што делев флаери. Застана и ме гледаше некое време од мракот под чадорот, заштитен од густата завеса од снегот кој паѓаше тој ден и ми рече: „Не се согласувам со твоите ставови, но те почитувам. Ти и твоиве активисти сте насекаде, со нас, со народот!“ И замина. Се обидов да му кажам дека ние сме меѓу граѓанките и граѓани, а „народот“ му го оставаме на Груевски, што и да му значи тоа.

Shkruan: Xhabir Deralla

Пишува: Џабир Дерала

Други ми кажуваа колку многу надежи и очекувања им пропаднале, колку многу ветувања на „оној гадот“, како што го нарекуваат, се претвориле во понижување.

Сѐ што им велам на луѓето е дека не е важно кој ќе победи на изборите, туку важно е тие да бидат слободни. И дека оние што се огрешиле од законот треба да одговараат. Оние што украле, треба да го вратат тоа и да одговараат за грабежот. Дека не сакаме избори што ќе бидат уште едно прескапо и недостоинствено лудување на сметка на граѓанките и граѓаните на оваа наша мала, но прекрасна земја. Дека не сакаме фантоми и насилници во изборниот процес. Дека не сакаме гласачи кои за 500 денари или платена сметка за струја ќе гласаат за некого.

Сакаме гласачи кои со слободна волја гласаат, а таа власт ќе обезбеди услови за живот во кој луѓето никогаш нема да мораат да чекаат избори за некој да им ја плати сметката. Бидејќи, сметките им ги плаќаат разбојници кои истите тие пари ги крадат од нив, од гласачите. Уште пострашно, од нивните деца. Пензиите им ги покачуваат со пари украдени од нивните внуци. Само тоа го кажуваме и како граѓанки и граѓани имаме право да го кажеме тоа. Но, тоа стана опасна идеја овие денови.

Оние, пак, што „не видоа“ што се случуваше во изминатите изборни циркуски претстави денес ги рецитираат нашите извештаи, но ги третираат како народно предание, како да се од непознат автор. Добро е тоа, ќе рече некој, конечно отворија очи.

Па нека е и така, само да не е во прашање „сончоглед“ филозофијата. Во двете варијанти, навредливо е да се игнорира трудот на толку луѓе кои не се штедеа себе си сите овие години и наспроти сѐ, останаа доследни, па и тврдоглави, ако сакате.
„Ова е големо, друже, пази, ова е поголемо од вашата организација! Може да те нападнат, да те снема! Пази се!“ – гласат коментарите на дел од моите пријатели, колеги од невладиниот сектор, познаници, минувачи...

Знаете, можеби е чудно, но отсекогаш ми било потешко да се справам со добронамерните совети и предупредувања на блиските, отколку со говорот на омраза, навредите и заканите од оние на кои им пречиме.

Верувам дека фактите се факти и дека кучињата на неправедните системи залудно се обидуваат некого да замолчат. Порано или подоцна, сѐ се дознава. Затоа, криењето, пропагандата, насилието и ликвидациите никогаш не им помогнале на диктаторите да ги скријат своите недела. На крајот, сите мора да се соочат со правдата.

Деноноќно ја крстосуваме земјата и прибираме изјави и податоци за масовните притисоци, манипулации и злоупотреби и во овој период на жестока политичка криза, три месеци пред закажананите избори (ако се одржат). Не само што издржавме, туку станавме и поголеми и посилни, без оглед на притисоците и заканите кои доаѓаа од разни страни, па и од устите на високи партиско-државни функционери. Тоа е благодарение на растечката доверба и поддршка од граѓанките и граѓаните.

До пред една година, непознати луѓе со шепот и во дискреција ни приоѓаа и нѐ храбреа. Денес, тоа е гласна и јасна поддршка. И тоа е чиста поддршка, граѓанска, а не идеолошка, која доаѓа од луѓе со најразлично потекло и политичка афилијација.

Да, постои конфузија, замор, песимизам. Разбирливо, иако не и оправдано. Разбирливо, бидејќи секој ден се водат валкани битки кога лесно се губи границата меѓу пропагандата и вестите. Не е оправдано, бидејќи во тие битки секој ден се каменуваат токму вистината и правичноста. Тоа ги засега сите. Чекањето на исходот од политичката криза и стоењето на страна од тоа што ѝ се случува на Македонија е луксуз кој не можеме да си го дозволиме. Исходот сме сите ние, секој поединечно и сите заедно. И не се однесува на тоа кој ќе победи на избори, туку како ќе се спроведат изборите.

И тоа не е крај. Медиумите и социјалните мрежи кои секојдневно нѐ трујат, не се единствените фронтови. Не сосема видливи за јавноста, политичките калкуланти, профитери и трговци водат битки за политички и финансиски профити, се стројат и престројуваат.

Можеби е зима, но сончогледите одамна процветаа. Во владино-невладино-медиумските кулоари се купува и продава, се склучуваат тајни бракови, се забиваат предавнички ножеви, а политичкиот инцест е правило. Квази-интелектуалните пробисвети коленичат наоколу и со испоснички израз на лицето гледаат да ќарат по некоја коска од мрсните политички трпези чии ногарки се потполно разнишани.

 

Објавено во печатеното издание на „Слободен печат“ на 27 јануари 2016 г. и во Плусинфо.
Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian