ЦИВИЛ го одбележува Меѓународниот ден на волонтери

ЦИВИЛ - Центар за слобода, по повод 5-ти декември, Меѓународниот ден на волонтери, ќе учествува на настанот Национален форум “Граѓански ангажман и волонтерство”.

Штандот на ЦИВИЛ ќе биде поставен во рамките на Social Change Market на 4 декември (петок) од 11 до 16.30 часот, каде сите грантисти на Цивика Мобилитас ќе ја презентираат својата организација и својата работа.

Присутните ќе имаат можност да се запознаат со проектите на кои во моментот работи ЦИВИЛ, со посебен акцент на граѓанското учество и волонтерството.

Своето активно граѓанско учество, посветеност и негување на волонтерството, ЦИВИЛ ќе го претстави преку инфо штандот „За слободни избори“, на кој ќе ги промовира активностите во рамки на проектите „Моето гласачко право“, „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“ и „Граѓански објектив“.

Настанот е организиран од Цивика Мобилитас,  Националниот совет за развој на волонтерството и Младинскиот културен центар (МКЦ) Битола (Волонтерски центар на Македонија) под мотото „Plug and play“ за одбележување на Меѓународниот ден на волонтерството.

Целодневната програма опфаќа ретроспектива на 10 години во кои се доделуваат националните награди за волонтерство, доделување на годинешните награди за волонтери во повеќе категории, дебата “Hands on matters”, модерирана од Петрит Сарачини (активист, новинар, музичар) и со учество на панелистите Даниела Стојанова (Цивика мобилитас, МЦМС), Никица Кусиникова (Национален совет за развој на волонтерството), Логин Кочишки (Таксират, Пасворд), Ивона Крстевска (Национален младински совет на Македонија), Александра Ристовски (Црвен крст на град Скопје), Ѓоко Вукановски (Волонтерски центар Скопје), Габриела Андреевска (Солидарност, активист, волонтер).

Во рамки на форумот организаторите им посветија внимание и на најмладите.  Заедно со Првата детска амбасада Меѓаши, организирано е детското катче за анимирање на децата. Целта на „Цивика Мобилитас за децата“ е промоција на демократски вредности, граѓанско учество и волонтерство кај децата.

Во настанот се вклучени и интерактивни работилници на Националниот младински совет на Македонија и Волонтерскиот центар Скопје, штандови со здрава храна на граѓански организации и производители и дистрибутери кои промовираат, произведуваат и дистрибуираат здрава храна во соработка со Анима Мунди, како и доделување на мали, акциски и ад хок грантови поддржани од Цивика Мобилитас.

 

Print Friendly, PDF & Email