Синдикат на македонската дипломатска служба: Неказнивоста ќе предизвика ескалација!

Синдикатот на македонската дипломатска служба, реагира на објавувањето некролози за повеќе странски амбасадори во Република Македонија, и на молчењето на Министерството за надворешни работи и Јавното обвинителство. Македонските дипломати бараат Јавното обвинителство да регира за случајот „Некролози за странските дипломати“.

„Јавно го повикуваме раководството на македонското Јавно обвинителство најитно и најсовесно да ги искористи своите законски овластувања во сферата на истражувањето на сторувањето кривични дела и да ги открие физичките лица - автори на објавувањето некролози на редица странски амбасадори во државата Македонија на социјалната мрежа Имгур, инаку веќе затворена. Работата на ЈО е многу олеснета во случаите кога државни функционери на своите Фејсбук профили  отворено ги навредуваат, омаловажуваат, па дури им се закануваат на странските претставници што беа инволвирани во „Пржинскиот договор“, инаку уредно потпишан и од политичката партија на која тие функционери припаѓаат. Врз основа на тоа, ЈО треба да процени дали се работи за 'сериозна закана' по овие лица под меѓународна заштита, а што е санкционирано со членот 420 став 1 од Кривичниот законик, и тоа со затвор. Доколку истрагата укаже дека не се работи за сериозна закана, тогаш тоа ќе значи дека авторите ги сториле кривичните дела утврдени во членовите 181, односно 182 од Кривичниот законик, или поточно, ги изложиле на подбив овие странски претставници, бидејќи е и смешно и тажно овие некролози да се толкуваат како заштита на јавен интерес или нешто слично. Потсетуваме дека со законските измени на овие одредби не е веќе потребно тие, значи самите странски претставници, самите да поднесат кривична пријава, туку Јавното обвинителство треба да постапува по основа на 'допрен глас'“, се вели ви соопштението од јавноста на Синдикатот на македонската дипломатска служба.

8627f4c0-fbe0-4b8c-8968-5419067c0afa_cx0_cy6_cw0_w987_r1_s_r1

Според македонските дипломати, одлука на државата Македонија (значи, не на некоја партиска структура) е до кој степен и на кој начин ќе се впушти во соработка со други држави и на тој начин, во случајот на Македонија, ќе им овозможи на тие земји да и помогнат во процес на демократизација на сопственото општество и негово приближување кон цивилизациските достигнувања прифатени од напредните слоеви на меѓународната заедница.

„Но, тоа никако не значи дека кој и да е во државата, смее да си поигрува или уште пострашно – да им се заканува на претставниците на тие држави во Македонија, а кои уживаат меѓународна заштита! Тоа, дека уживаат меѓународна заштита значи дека ние, државата Македонија, сме должни да ги заштитиме кога се на наша територија, а преку членот 29 од Виенската конвенција за дипломатски односи, и формално и императивно се имаме обврзано“, пишуваат синдикалците меѓу македонските дипломати.

„Во крајна линија, не смееме да заборавиме дека неказнивоста не значи дека појавата ќе замине во историја. Напротив! И емпиријата и логиката се крајно децидни дека неказнивоста значи ескалација на појавата. Ние, впрочем немаме 'најчисто досие' кога станува збор за неоправдано превртување на гневот од внатрешните состојби кон 'дежурниот виновник' – странските претставници. Напротив, во нашето 'досие' има и повици за линч, обиди за палење амбасади, пласирање теории за 'странски заговор' против Македонија и многу говор на омраза. Следствено, ако сакаме и во еден ваков период да го сочуваме оној краен бастион – дека Македонија, вака или онака, е држава – должни сме најитно и најсовесно да го истражиме објавувањето некролози и таа истрага да резултира со јасни правни заклучоци, па дури и последици“, се вели во соопштението на Синдикатот на македонската дипломатска служба.

Print Friendly, PDF & Email