Зашто да ми биде гајле за климатски конференции или за глобалното затоплување?

ОК, ајде да бидеме начисто. Ваква е работата: знаеме со сигурност дека доколку нема никакви промени, нашиот свет ќе доживее многу катастрофи. Ако глобалните температури се качат повеќе од 2 Целзиусови степени, тоа би значело изумирање на најразлични врсти животни, суши и поплави и хурикани и тајфуни, губење животи и економски капитал...

Bobo so tabliccka

Бобо Станковиќ

Базичната причина за ова е е испуштањето на гасови како јаглерод диоксид во нашата атмосфера. Многу едноставен процес- што повеќе гас испуштен, толку повеќе топлина се задржува, толку поголеми последици за нас... И сега, ако Вие, како повеќето од нас младите, планирате да живеете на планетава во следниве неколку децении, ќе бидете изложени на многу од последиците предизвикани од нашето однесување. Ајде, да речеме дека планирате да живеете во некој од регионите кои нема да бидат толку погодени, и да речеме дека планирате да бидете доволно богати за да можете да се справите со економските тешкотии, и да речеме, дури и дека не планирате да развиете здрава совест која ќе ве натера да се чувствувате барем малку лошо за милионите луѓе кои ќе ги изгубат нивните домови или животи... Дури и тогаш, огромен дел од вашите познаници и луѓе за кои се грижите ќе бидат засегнати.
И што сега го прави COP21 (климатската конференција која деновиве се случува во Париз) толку важен? Па, фактот дека за прв пат во историјата на човештвото (или барем, првпат по масовната индустријализација на светот) сме релативно блиску до постигнување легално обврзувачки договор за климатските промени, што може да спречи дел од претстојните катастрофи. САД и Кина, двата најголеми загадувачи во светот, дојдоа до заеднички договор во 2014-та година, да ги намалат емисиите на јаглерод. Исто така, со климатските промени кои веќе стануваат очигледни (како, на пример, со другарка ми од Маршалските Острови, која најверојатно нема да има дом за 20-тина години), политичката сцена за првпат делува поволно - како да е возможно да се стигне до договор!

WHY botherИ знам, и јас доаѓам од Македонија, знам дека месото е едноставно превкусно (леле, како ми фали еден сендвич од „Седмица“), и знам дека климатските маршеви се прерано насабајле, и знам дека е претешко да се откажеме од огромен дел од убавините на животот, и дури и да не беше така, каков ефект имаат акциите на еден човек во споредба со целиот свет?

Ама, видете, работата е што точно таквото размислување нѐ доведе во оваа ситуација, и единствениот начин да бидеме сигурни дека ќе имаме Планета каде што ќе можеме да живееме (повторно, проектот Mars One одеднаш звучи многу привлечно) е да го намалиме испуштањето на јаглерод во атмосферата. Таква промена може да се случи со преминување на обновливи извори на енергија, како соларни панели, и воопшто, не мора да значи драстични промени во светот.

Но, дури и да е така, дали промени во нашиов нееднаков, дискриминирачки, и прилично тапа свет се толку лоша идеја?

Париз, декември 2015

Бобо Станковиќ

(матурант, 17 години)

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English