СЛОБОДНИ ИЗБОРИ ЗА СЛОБОДНИ ГРАЃАН(К)И

ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА 1.0

ЦИВИЛ - Центар за слобода ќе одржи прес конференција за проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“ в петок, 24 јули, во Клубот на новинарите, со почеток во 11 часот.

Проектот е посветен на подготовка на слободни избори во Република Македонија и произлегува од потребата за неодложно создавање услови за спроведување на слободни избори во демократска атмосфера, со почитување на човековите права и слободи, преку доследно почитување на слободно изразената волја на граѓаните.

На прес-конференцијата ќе стане збор и за препораките на ЦИВИЛ за реализација на договорот за надминување на политичката криза, околу реформите и подготовките за предвремните избори идната година, кои што би требало да го означат почетокот на демократското зазадравување на Република Македонија.

Меѓу другото, на прес конференцијата ЦИВИЛ уште еднаш ќе го афирмира ставот дека целосна реформа и избор на нови членови на Државната изборна комисија е од суштинско значење за ослободување на ова тело од влијaнието на власта. Комисијата треба да биде составена од експерти, со овластувања соодветни на деликатната функција на ова тело.

Воедно, претставниците на ЦИВИЛ ќе ги презентираат сите други области во кои веќе се подготвуваат законски и други решенија, експертизи и набљудување на спроведувањето на реформите во доменот на изборните процеси, медиумите и судството.

Проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“ озвозможува и граѓанска едукација за правото на глас и за потребата од неминовно јакнење на јавната свест за изборните нерегуларности, како и создавање јасни препораки за воспоставување нов изборен систем што ќе обезбедува слободни и демократски избори.

Проектот го финансира Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Освен за медиумите, прес конференцијата е отворена и за сите заинтересирани граѓанки и граѓани.

Print Friendly, PDF & Email