Стоп за насилството против Албанците

Меѓународниот форум за човекови права и слободи (ИГФМ) и неколку други организации протестираа за да го изразат револтот кон молчењето на државните институции, во врска со нападите врз семејството Зеќири во Радишани.

Претседателот на ИГФМ, Идриз Синани, рече дека целта на овој собир е национална, хумана и солидарна.

„Случајот со семејството Зеќири е само врв на систематската антиалбанска политика, која не престана никогаш во Македонија. Ова е настан кому му претходеа многу убиства на борците за слобода, апсења во монтирани случаи, труење на деца Албанци низ училишта, како и многубројни напади во училишта и автобуси. Ако ние како нација не покажеме дека сме во состојба да го кренеме гласот против неправдите, ваквите дела ќе ни се повторуваат и во иднина. Ако денес жртва на нападите е семејството Зеќири, утре потенцијална жртва ќе биде секое албанско семејство. Затоа и сме се собрале тука, да им упатиме порака на Европа и светот, дека Албанците не се во состојба да трпат уште неправди, кои се манифестираат и со терористички напади, какви што беа тие во Радишани“, рече Синани.

„Ние се собравме тука за да го изразиме нашиот револт за неправдите кои се прават на Албанците во Македонија. Последниот настан во Радишани ги загрижи сите Албанци, освен оние што се седнати на фотеља. Ние бараме правдата да се обелодени што поскоро и семејството Зеќири да се чувствува безбедно во својот дом“, рече Бејтула Буши, претставник на студентската организација.

На протестите беше присутен и Градоначалникот на Струга, Зијадин Села, за да го подржи семејството Зеќири.

„Кога не функционира државата, правото на одбрана им припаѓа на граѓаните. Вака е во цел свет, затоа вака треба да биде и кај нас. Новата парламентарна структура треба да го усвои законот за носење оружје, за граѓаните легално да имаат оружје дома“, рече Села.

Aрбана Ќерими
Џелал Хоџиќ

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish