Синдикално мочуриште

Како никој веќе и да не очекува да се разбуричка синдикалното мочуриште, во кое со децении се дават сите надежи дека македонските работници во догледно време, ќе се изборат и ќе заслужат вистински застапници, за одбрана на нивните права и за какво-такво поправање на катастрофалната ситуација во која се наоѓаат.

Пред три месеци, Сојузот на синдикатите на Македонија го исклучи и принудно го исели гранковиот – Мултиетнички синдикат на образование (МЕСО) од својот објект, со што, по расчистувањето со „проблематичното“ регионално раководство на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), кое се закануваше да го канализира незадоволството на околу 2.500 членови во битолско против послушничката улога на двете централни, синдикални раководства во Скопје, и по востоличувањето на нови, провмровски челници во Битола, беа созададени услови за целосно задушување на било каков вид синдикален протест.

СОНКТака, лидерите на ССМ и на СОНК, Живко Митревски и Јаким Неделков, непречено продолжија да ја исполнуваат повеќегодишната ролја на агилен поддржувач на секоја власт, и да го трасираат враќањето на СОНК (и неговото, наводно, 30-илјадно членство) во железната прегратка на ССМ. Со ова се заокружува планот на власта и синдикатите да бидат под целосна контрола за да се искористат како гласачка машина.

Оптимистичките најави дека голем дел од разочараните професори, наставници и културни дејци, во знак на протест ќе го напуштат СОНК, засега се пролонгираат на периодот по Нова година.

Особено, по конгресот на СОНК на кој старо-новиот лидер Неделков, остана на функцијата, со поддршка, се разбира, на неговиот претходник, почесниот претседател, во функција на надворешен консултант, Дојчин Цветановски. Според изворите на ЦИВИЛ Медиа, на конгресот во севернокорејски стил, кој се одржал за време на викенд вон Скопје, далеку од очите на љубопитните, драстично намалениот број на делегати (130-тина, во споредба со неколкуте стотини на претходните конгреси) го задржале Неделков во истата фотелја. Но, не разговарале ни за наводното масовно напуштање на членството на СОНК, ни за иницијативата за формирање на нов гранков синдикат кој нема да биде под партиски чадор на ВМРО-ДПМНЕ и чија задача ќе биде вистинска заштита на сé позагрозените синдикални права на работниците.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги поддржува сите барања на работниците, кои побараа ослободување на синдикатот од контролата на партијата на власт  и како и пред три месеци ја осудува индолентноста на СОНК, кон неимплементирањето на Колективниот договор, кон недугавите закони за основно и средно образование, што предизвикаа револт кај наставниците и кон создадениот хаос во образованието и замолчаноста на ССМ.

Синиша Станковиќ

Print Friendly, PDF & Email