СЕРИОЗНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ НА РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ГТЦ

ПРЕЛИМИНАРЕН ИЗВЕШТАЈ НА ЦИВИЛ – ЦЕНТАР ЗА СЛОБОДА

Денеска се одржа Референдумот за ГТЦ, процес во кој не видовме чесни правила на игра. Целиот процес поврзан со Референдумот изобилува со сериозни недостатоци и нерегуларности.

Имено, се работи за стотици пријави за нерегуларности од набљудувачите на Цивил, но и голем број повици од засегнати граѓанки и граѓани кои во текот на целиот ден се јавуваа на дежурните телефони на Цивил. Им благодариме за нивната посветеност и доверба.

Цивил ги регистрира следните нерегуларности и проблеми во спроведувањето на референдумот:

Попречување на гласачите, преку дезинформации и партиски притисоци, расипување или блокирање на лифтовите во висококатниците и видлив притисок преку евидентирање на гласачите, односно контрола на излезноста во близина на гласачките места.

Дел од Избирачките одбори излегуваа од рамките на нивните овластувања, не се обидоа да помогнат во хаосот кој настана поради избришаните или разместените гласачи и ги попречуваа набљудувачите на ЦИВИЛ во нивната работа.

Забележливо беше дека референдумот протече со обезбедување од лица кои немаа соодветни обележја на полициски службеници, согласно со Законот за полиција и интерните акти. Голем дел од нив беа во цивилни, необележани возила.

Попречување на набљудувачите на ЦИВИЛ се бележи во пет случаи, од кои во еден инцидент учествуваше наводно партиски активист на ВМРО-ДПМНЕ, а во другите четири случаи се работеше за притисок од членови на Избирачките одбори, одземање и копирање на нивните овластувања.

Срамно беше однесувањето на поголем дел од приватните медиуми под контрола на власта, а особено на јавниот сервис МРТ. Тие во целост го бојкотираа информирањето за референдумот до гротескни димензии. Јавниот сервис МРТ не ја исполни својата законска обврска ни денеска, па денот помина како референдум воопшто да не се одржал.

Проблемите со Избирачкиот список беа доминантни и во овој процес на гласање. Ги бележиме старите болки на Избирачкиот список, како што се фантомски гласачи, починати или лица со привремен престој во странство, кои беа на посебни списоци.

Нашите набљудувачи регистрираа над сто случаи во кои граѓанки и граѓани беа соочени со хаосот во списокот на кој се наоѓале на претходни изборни процеси, а денеска беа пренасочувани на други локации, дури и во други општини, а голем број од нив не се најдоа на него.

Воедно, се регистрира и тоа дека Избирачките одбори, под изговор дека не можат да ги најдат на гласачкото место, ги упатувале гласачите да се побараат на друго гласачко место. Ако до тогаш не се откажале и им се враќале на првото гласачко место, тогаш „мистериозно“ ги пронаоѓале на местото каде што и првиот пат дошле да гласаат.

Во однос на улогата на Општинската изборна комисија (ОИК), констатираме дека Комисијата не ги информираше граѓаните за начинот и техниката на гласањето, што е нивна законска обврска. ЦИВИЛ не забележа ниту еден јавен настап на ОИК во кој се остварува оваа улога, за разлика од други изборни процеси во кои е вообичаено да има и кампањи на изборната комисија која е надлежна за законско спроведување на процесот.

Во изјавата за ЦИВИЛ Медиа денеска, претседателот на ОИК, намерно или не, пропушти да каже дека секој гласач има право да поднесе приговор доколку му е повредено избирачкото право и нагласи дека само овластените претставници на предлагачот можат да поднесат приговори, со што ги доведува во заблуда граѓаните по однос на заштитата на нивното избирачко право. Иако, во Изборниот законик, во член 149, е регулирано ова право на секој гласач, а токму ОИК е органот до кој се поднесуваат приговори и кој одлучува по нив.

Затоа, ги информираме граѓанките и граѓаните на општина Центар, чие гласачко право е повредено денеска, имаат можност, во рок од 24 часа, да поднесат приговор до Општинската изборна комисија. Доколку нивниот приговор е одбиен, во одлуката на ОИК треба да има поука за правото на тужба до Управниот суд. Им стоиме на располагање на граѓанките и граѓаните да пријават нерегуларности и повреда на гласачкото право и во ЦИВИЛ – Центар за слобода и во понеделник, 27 април, кога ќе излеземе со целосен извештај од набљудувањето на Референдумот за ГТЦ.

Print Friendly, PDF & Email