Денеска истекува рокот за пријавување забелешки за Избирачкиот список!

На полноќ истекува рокот за поднесување пријави со забелешки за Избирачкиот список до Државната изборна комисија, во пресрет на предвремените парламентарни избори, закажани за 11-ти декември. СДСМ најави дека до ДИК ќе бидат поднесени многу забелешки, со цел, колку што е можно повеќе, да се прочисти списокот и да си заминат „фантомските“ гласачи, а во функција на кредибилни избори.

До завршување на јавниот увид, според ДИК, во Избирачкиот список се запишани 1.784. 524 граѓани со право на глас. Покрај овој список, посебно ќе се води евиденција за уште 171.500 гласачи кои се на привремена работа во странство.

На конференцијата што на тема „Слободни избори 2016“ се одржа вчера во организација на ЦИВИЛ - Центар за слобода, сите лидери и претставници на политички партии и коалиции кои присуствуваа, акцентираа дека Избирачкиот список не е прочистен и дека останува уште многу голем број „фантоми“, за кои нема гаранции дека целосно ќе бидат спречени и осуетени во обидите, и овој пат, да гласаат во функција на одредена партија.

Во ЦИВИЛ секојдневно се јавуваат граѓан(к)и коишто пријавуваат присуство на „фантоми“ во нивните домови, на нивните адреси... Иако голем број од овие гласачи веќе реагирале во ДИК, граѓаните велат дека аномалиите не се коригирани. Во обраќањата до ЦИВИЛ, тие тврдат дека и по прочистувањето на Избирачкиот список, истите, или нови „фантоми“, се регистрирани на нивни адреси?! Има и случаи кога едно лице со ист матичен број, се јавуваа како жител на две адреси, иако никогаш не го сменило местото на живеење. На јавноста веќе и се познати примерите во кои и граѓани, познати личности од јавниот живот, се избришани од Избирачкиот список. Дел од нив поднесоа и кривични пријави до ДИК.

М. Талеска

 

 

 

Print Friendly, PDF & Email