Ова е универзитет за Латинска Америка, каде имало воени режими!

Откако Одборот за акредитација и евалуација на високото образование издаде дозвола за формирање на нов државен универзитет на македонски јазик во Скопје -  “Дамјан Груев”, ЦИВИЛ Медиа разговараше со професори од универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, за нивниот став, по прашањата - дали има потреба од уште еден универзитет, има ли доволно кадар што ќе предава на новиот универзитет, и што тоа значи за образовниот систем во Македонија? 

Професорката д-р Гордана Силјановска – Давкова, од Правниот факултет на УКИМ е  категорична дека со отворањето на новиот универзитет не е во прашање создавање на фабрика на знаење, туку зад иницијативата се кријат партиски интереси.

“Минатата година, кога организиравме протести, во првиот одговор на Министерството за образование и наука и на Владата, стоеше дека дел од универзитетите и дел од вработените, не ги исполнуваат построгите критериуми кои властите имаат намера да ги воспостават и врз основа на тие критериуми да го подобрат квалитетот на високото образование... Јас би се радувала кога би зборувале за некој универзитет кој ќе ги собере нашите најдобри дипломци од престижните универзитети во светот. Но, знаеме дека не е тоа целта, затоа што да е така, ќе имаше темелна дебата. Ако се работи за уште еден универзитет, би требало сите постојни факултети да се изјаснат. Доволно ни се ‘фабрики за хартија’, и не мислам дека интенцијата е да добиеме ‘фабрика за знаење’. Поради брзината со која се одвива постапката, не видовме физибилити студија, не видовме аргументација, и тоа ми дава сомнеж дека се работи за партиска конструкција... Вината е и кај дел од професорите и факултетите кои се вклучија од лукративни причини во процесот на продукција на магистри и докторанти. Но, за жал, како и со парите и со дипломите, колку повеќе ги има во оптек, помала им е вредноста!“, резигнирано констатира д-р Силјановска – Давкова.

„Скратената постапка е преседан, не во Македонија, оти и во минатото имавме таква пракса, но во светот. И процедурално, има пракса владите во последната година од својот мандат, посебно во последните шест месеци, да не се впуштаат во крупни проекти, туку да ги завршат започнатите, и да делуваат на некој начин - технички, затоа што им е истрошен легимитетот и не можете пред заминувањето да посегнувате по решенија, кои не само што се однесуват на постојната образовна мрежа во Македонија, туку и на сите граѓани. Оти доброто образование е скап проект и најдобра инвестиција - ако е добро вложена. Не знам ни колку е исплатливо, да отворате ваков универзитет, ни колку можеме да го ‘покриеме’ со кадар, ни колку сето тоа е потребно во ваква земја... Можеби во некои држави од Латинска Америка, каде имало воени режими, можеби има потреба, но ваква гломазна структура, не соодвествува со потребите и природата на безбедносните структури во Македонија.”, смета професорката Силјановска – Давкова.

Марија Теговска

Print Friendly, PDF & Email