Панел на ЦИВИЛ: „Жртви на режимот – сведоштва и слики“, да не се заборави

ЦИВИЛ организира панел дискусија под наслов „Жртви на режимот – сведоштва и слики“ утре, сабота, 21 декември, во хотел Континентал, со почеток во 12 часот.

До сега потврдени говорници се Томислав Кежаровски, Љубе Бошкоски, Велија Рамковски, Павле Богоевски, Ване Цветанов, но и други. Утрешниот настан се организира по многуте сугестии од граѓанките и граѓаните низ целата земја, кои сакаат да слушнат, но и да споделат сеќавања за жртвите на режимот во периодот 2006-2016. Организаторите информираат дека, по излагањата на потврдените говорници, можност за учество ќе имаат и сите присутни, со напомена дека тие интервенции може да бидат со времетраење од три минути. ЦИВИЛ најавува дека во наредниот период ќе биде отворен да сними видео сведоштва од жртвите на режимот кои ќе бидат објавени на медиумската платформа на организацијата.

Режимот ја зароби и ја злоупотреби државата, а особено полицијата, судството и медиумите. Секој обид да се изрази поинакво мислење, го санкционираше со апсења, тортура, монтирани судски процеси и линч во медиумите и на социјалните мрежи. ЦИВИЛ уште еднаш ќе ја отвори оваа тема во јавноста, за да не се заборават злоделата на еден авторитарен режим. Притворот се претвори во казна, а затворските казни беа максимални и драконски, засновани на сомнителни докази и сведоци.

Воведничар и модератор на настанот ќе биде Џабир Дерала од ЦИВИЛ. Добредојдени се медиумите и сите заинтересирани граѓанки и граѓани.

ЦИВИЛ Тим за комуникации

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian English