МВР и ДИК мора посериозно да се справат со фантомските гласачи!

Не стивнуваат пријавите на граѓанките и граѓаните за враќањето на фантомите во Избирачкиот список.

До сега од првиот ден од јавниот увид во Избирачкиот список во пресрет на Референдумот, до ЦИВИЛ дојдоа над педесетина пријави за проблеми. Старите проблеми, наспротив уверувањата од политичарите и ДИК, сѐ уште се евидентни. Ова е повик до граѓанките и граѓаните да реагираат и да пријават во ЦИВИЛ.

Избришаните фантоми повторно се вратиле во Избирачкиот и удобно се сместиле на адресите на граѓанките и граѓаните што се јавија во нашата организација. Пристигнуваат и пријави за починати лица коишто сѐ уште фигурираат во Избирачкиот список.

Во еден случај, граѓанин ни пишува дека веднаш се јавил во ДИК да пријави неколку „ненајавени гости“ на својата адреса. Од таму, како и на претходните изборни процеси, го упатиле да се јави во МВР. Од МВР пак ги препраќаат назад во Државната изборна комисија, и така до недоглед. Гласачите повторно ја слушаат старата приказна: секогаш некој друг е одговорен.

Нашиот колега Синиша Станковиќ кој овој пат реши да ја истера работата до крај наиде на затворен круг од кој заклучокот е дека пријавите од граѓаните служат само за надлежните, да имаат увид дека „фантомите“ се спорни, ако случајно, дојдат пак да си вадат лични карти или пасоши на истата адреса!

ЦИВИЛ апелира до институциите да не си поигруваат со волјата на граѓаните кои се решиле да ја завршат работата за која нивните вработени земаат плата и да реагираат на пријавите на граѓаните. Исто така ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да ја искористат можноста за увид во Избирачкиот список и да ги пријават неправилностите во ДИК, но и на ЦИВИЛ, со цел да се спроведе јавна контрола на процесот. Тоа може да се направи со порака на електронската адреса на ЦИВИЛ: [email protected], со назнака: Избирачки список. Во пораката наведете име и презиме на реално постоечките лица, адресата, а потоа имињата и презимињата на лицата што не живеат на таа адреса. На располагање е и тел. број: 02 / 520 91 76 од 9 до 17 часот, секој работен ден.

Ги повикуваме институциите да го поедностават процесот на решавање на случаите што ќе ги пријават граѓанките и граѓаните. Нема зошто гласачите сами да ја вршат работата на институциите, а притоа да бидат шетани од една врата до друга и, на крајот, пак да не се реши проблемот!

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish