Кампот се крена, фронтот останува!

Поминаа шеесет денови откако граѓанките и граѓаните во Македонија решија дека постои само еден начин за решавање на политичката криза и за ослободување од деветгодишната диктатура на премиерот Никола Груевски, дека постои само еден пат до слободата. Одлуката беше: „Нема да заминеме додека груевизмот не се распадне, а Груевски не даде оставка!“

На 17 мај по сенародниот, натпартиски протест, организиран од коалицијата „Граѓаните за Македонија“, официјално започна „камперската сезона“ пред Владата.  Кампот на Слободата заживеа и згасна во знакот на демократското право за барање на оставка на премиерот. Слободата, почитувањето на човековите права, борбата против говорот на омраза, полициската бруталност, медиумската корумпираност..., беа доволна мотивација да се истрае шеесет дена на високи температури и врнежливо време, на улица, со кичестиот пејсаж на Владината зграда на хоризонтот.

Договорот се потпиша. Груевски стави потпис на документ со кој прифаќа да поднесе оставка. Друго прашање е колку тој ќе се имплементира без нови заткулисни договори. Целта е постигната! Груевски заминува! Затоа, кампот можеше да се растури, а камперите да си заминат.

Шеесетиот ден помина во исчекување. Многумина нетрпеливо вечерта го очекуваа резултатот од преговорите во Пржино. Утрото осамна тивко и сончево. Сепак, возбудата трепереше во воздухот и се ширеше низ Скопје.

„Граѓаните за Македонија“ и за тој ден имаа предвидени активности. Дискусија за обврските на преодната влада, според препораките на Прибе, и проекција на видео прилози за социјалната правда во Македонија, продуцирани од тимот на ЦИВИЛ Медиа. Атмосферата беше веќе напната и камперите во исчекување ги проследија и двата настана. Тивки, со повремени коментари за потресните приказни на граѓан(к)ите низ Македонија и социјалните проблеми со кои се соочуваат. Препознавањето на сопствените маки се огледуваше во очите на камперите. Револотот тивко струеше по вжештениот асфалт. Во 22:30 часот се очекуваше пристигнувањето на лидерот на опозицијата, Зоран Заев.

На сцена пристигна лидерот. Извици, ракоплескање, скандирање, насмевки и задоволство за прифатеното барање за ОСТАВКА! СЛОБОДА!

„Овој камп еве денеска веќе опстојува 60 дена. 60 дена симбол на слободата. 60 дена го сврте вниманието на целиот свет како на гандиевски на мирен ненасилен начин се чекори кон успехот за толку посакуваната драгоцена слобода. Слобода за нашата земја.

Под секакви околности чукаше како што чука човековото срце полно со живот. На овој простор се одржа историскиот масовен обединувачки натпартиски протест. Тука граѓаните најдоа закрила на својата слобода. Тука е поставен темелот на слободата. Тука, после 9 години молк е отворена вистинска граѓанска демократска арена, во којашто на мирен, цивилизиран начин победија аргументите. Влада предводена од Груевски не може да организира уште едни избори. Следните избори ќе ги организира нова влада што нема да ја предводи Никола Груевски.

Дозволете да им се заблагодарам на граѓанските организации коишто ризикуваа да влезат во коалиција со политичарите. Тоа е ризик, ние и по Устав и по Закон сме различно поставени, ризикуваа заради таа голема вредност за којашто заедно се боревме. Даваа силен придонес во овој камп.

Знам дека некои сакаат да останат уште овде, но кампот ја исполни целта. Овој темел на слободата го остава овој простор пред владата на Република Македонија да биде симбол на времето кој што ќе ја испишува поновата македонска историја, за да се памети. Секоја наредна влада, која што ќе работи овде да гледа и да се потсетува за никогаш повеќе да не се повтори тоа што оваа власт, на чело со Груевски го правела врз Македонија и нејзините граѓани“, беше дел од говорот на Зоран Заев, последната вечер во Кампот на Слободата.

Голема помош и признание треба да им се даде и на граѓанските организации, кои влегувајќи во коалицијата „Граѓаните за Македонија“, јасно и концизно се изјаснија за  демократско општество, возможно, само без диктаторството на Груевски. Поддршката и потребата за заедништво произлегоа од деветгодишната пресија во која критичката мисла и потребата за промени се гушеа во самиот зародиш.

ЦИВИЛ – Центар за слобода беше првото здружение на граѓани кое влезе во Коалицијата. Во нашето соопштение на 8 мај ги образложивме причините за потребата од ваков вид на заедничка борба за слобода: „Остануваме бескомпромисни и посветени на одбраната на човековите права и слободи, силно посветени нашата работа да ја вршиме на непристрасен начин, независно и објективно да набљудуваме и да реагираме на состојбите, без оглед на тоа со какви притисоци се соочуваме. Нашата работа е независна и од партиите и од институциите на државата.

Одлуката да се придружиме на Граѓаните за Македонија е во согласност со нашите принципи на работа и општествено делување. Остануваме доследни во заложбите за слобода, правда и еднаквост.“

Кампот уште во утринските часови почна со раскревање. Со протестот на Новинарскиот пленум против вицепремиерот Владимир Пешевски, кампот ги расчистува последните траги од своето постоење. За спомен и долго сеќавање ќе остане картонскиот ковчег со името на Никола Груевски и еден изветвен венец, какви што се и неговите ветувања.

Или, со други зборови: „Кампот се крева, фронотот останува!“, како што категорично изјави Џабир Дерала.

Биљана Јордановска

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian