Манијаци и злосторници битисуваат прикриени во мрачните канцеларии на системот!

Ние, ЦИВИЛ – Центар за слобода, со згрозување и краен револт, најостро го осудуваме системот кој уништува детски животи! И бараме од Основното јавно обвинителство да поведе постапки веднаш, денеска! Бараме видливи резултати во рок од часови, а не денови, а најмалку години! Веруваме дека во овој момент говориме во името на сите свесни и совесни граѓанки и граѓани, родители, деца...

Ужасот низ кој минуваат децата низ нечовечниот систем на институциите кои се задолжени за нивно згрижување, одгледување, образование и добробит ја прелеа чашата со последното ужасно сознание за силувањето и подведувањето на 12-годишно дете!

Болните умови на поединци вработени во тие институции упропастиле цели животи и тоа се случува со години, ако не и со децении наназад. Манијаци и злосторници битисуваат прикриени во мрачните канцеларии на системот!

Тие веќе денеска треба да бидат уапсени и изведени пред суд. За оние за кои ќе се утврди дека се умоболни сексуални манијаци и насилници, веднаш треба да бидат сместени во соодветни (затворени) институции. Оние за кои ќе се утврди дека свесно се изживувале или не ги извршувале своите работни задачи, да бидат најостро санкционирани, со највисоките казни предвидени за криминална злоупотреба на службената положба.

Тие што силувале дете и го подведувале, мора веднаш да се соочат со полната сила на правдата! Нема ништо појасно од ова. Тие што молчеле и прикривале, тие што биле вплетени во организираната криминална мрежа на трговија со детските тела, достоинство и животи, мора да бидат санкционирани подеднакво остро и бескомпромисно, соодветно на законите! Не е возможно да се случува овој хорор, без организирана и активна криминална структура и без криминалниот молк на сите вработени во институциите.

Сите сте одговорни и мизерни, достојни само за презир!

Почнете денеска да го лечите системот или престанете да наплаќате даноци и казни!

Ние, ЦИВИЛ – Центар за слобода и сите што барем малку држат до човечноста и достоинството бараме правда, сега и овде! Ништо освен правда!

„Проекти“, „спогодби“, „стандарди“, „програми“, „истражувања“, „статистики“... Тоа се само изговори и фолирање, а со еден збор – прикривање на злосторнички систем. Невладини организации, престанете со фолирање и потрага по пари врз грбот на децата и нивното страдање! Новинарки и новинари, престанете со дезинформации и искривување на фактите, затоа што сте мрзеливи или затоа што имате кому да му се додворувате! Сите заедно, престанете со прикриениот говор на омраза и дискриминација кои зрачат од вашите изрази како „популација“, „менталитет“, „слоеви“ и слични божемно коректни изрази и флоскули!

Со сета почит кон сите проекти кои МТСП има намера да ги спроведе во наредните години, овој случај, како и сите останати за кои дознавме изминативе денови мора итно да бидат расветлени. Жртвите да бидат сместени на безбедно и да имаат 24 часовна поддршка, грижа и третман.

Одбраната на МТСП не смее да застане на тоа дека девојчето не е силувано од вработените во институциите. Детето е силувано и проституирано под закрила на системот. Одземено од родителите заради питачење, за да биде сексуално експлоатирано?

Политичките партии и нивните организации (како Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ) да престанат веднаш да бараат одговорност на погрешни места, затоа што ова дете било „третирано“ во нивно време.  Соопштенијата нека си ги упатат себе си и на одговорните кои го воделе системот како дел од нивните партиски кадри! Срамни се нивните обиди да спечалат политички поени врз грбот на ова дете!

Невладиниот претставник на дебатната емисија на ТВ Телма, откако маестрално ги карактеризираше 25мај и Ранка Милановиќ како регрутни центри за малолетничка проституција, се пофали дека го знаел ова одамна. И?!

Зошто кога веќе се увидело дека одземањето на родителското право заради питачење не го решава проблемот (изјава на Министерката Мила Царовска) и оваа пракса е напуштена по 2011 година, не му дозволиле на семејството да си ја земат повторно назад? Зошто, по ниту еден од грозоморните настани кои го придружувале животот на ова сега 12-годишно девојче, на семејството не му било дозволено му се приближи и да биде со него?

Ова се прашањата за кои јавноста мора да добие одговор. Денеска!

Ова не е време, ни простор за суети, туку за решителна акција. Новата влада на Зоран Заев мора да престане со заштита на криминалците и криминогените елементи кои ги претворија институциите во крволочни и криминални монструми.

Сѐ си пишува во законот наш, ваш, кривичен: Запуштање и малтретирање на малолетно лице (Член 201): „Родител, посвоител, старател или друго лице кое со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување ќе го запушти малолетното лице или ќе го малтретира, ќе се казни со затвор најмалку пет години. Со казната од став 1 ќе се казни родител, посвоител, старател или друго лице кое присилува малолетно лице на работа што не одговара на неговата возраст и физичка сила или од користољубие го наведува на питање или на вршење други дејствија што се штетни за неговиот развиток. Ако поради делата од ставовите 1 и 2 настапила тешка телесна повреда или тешко нарушување на здравјето на малолетното лице или малолетното лице се оддало на питање, проституција или други облици на асоцијално однесување, сторителот ќе се казни со затвор најмалку десет години.“

Што се чека?! Ете го законот! Дали треба да помислиме дека се штитат некакви си партиски војничиња и криминалци за кои има некаков политички пазар?

Наместо да се гасат пожарите кои го зафаќаат имиџот на институциите и владините ресори, треба да се преземе обврската да се заштитат граѓанките и граѓаните, особено децата. Тоа би било искрено и чесно.

Нема зошто целиот систем да се тормози, цели министерки и министри да се ставаат на располагање на телевизиите, да штелуваат (или не) дебатни емисии со бескрајни елаборации на наредни „чекори“, „фази“ и „проекти“, додека секоја минута животот на децата (како ова 12-годишното девојче) чии животи се брутално и систематски уништувани од социопати прикриени под чадорот на институциите.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish