ЦИВИЛ со осуда и барање за санкции против говорот на омразата!

ЦИВИЛ најостро го осудува чинот на Емил Јакимовски, вработен во државната администрација, од позиција на партиски активист, упатува пораки преполни со навреди, закани и говор на омраза против новинарката Мери Јордановска и против градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Ова не е изолиран случај! Само пред неколку дена, за време на Божиќните празници, посведочивме на бран на говор на омраза и лажни вести.

Затоа, ЦИВИЛ го повторува повикот до политичките партии чии членови дивеат по медиумите и социјалните мрежи, упатуваат жестоки закани и говор на омраза и повикуваат на насилство, јавно да се оградат од нив и да им дадат наредба на своите милитанти да престанат со ова однесување.

Како и на 8 јануари 2020 година, ЦИВИЛ го повторува барањето од релевантните институции да бидат поенергични и поактивни во следењето и законското санкционирање на црната пропаганда, лажните вести и говорот на омразата. ЦИВИЛ бара од институциите да ги заштитат и авторките и авторите на анализи, колумни, информативни прилози и истражувања во медиумите и невладините организации. И тие имаат право на заштита!

Ја потсетуваме јавноста дека ЦИВИЛ, во текот на континуираниот мониторинг на политичките процеси и настани во Република Северна Македонија, нотира дека дел од политичките субјекти и медиумите под нивна контрола, не покажуваат ни минимум политичка култура, ниту покажуваат намера да водат фер и аргументиран политички натпревар. Напротив, се забележува тенденцијата да се искористи секоја можност, вклучително и во текот на викендите и празничните денови, да се истурат реки од омраза и лаги во јавната комуникација, со цел да се постигне политичка предност во изборен или во каков и да е друг контекст. Тоа е крајно неприфатливо и заслужува секаква осуда!

Понатаму, ЦИВИЛ ја повикува и јавноста, сите граѓанки и граѓани внимателно и критички да ги следат медиумите и гласилата на политичките партии. Секоја манипулативна содржина и изворот на таквите содржини треба решително и отворено да се отфрли, а не да се мултиплицира. Коментарите на таквите содржини се излишни, а особено говорот на омраза во одговор на таквите содржини само ја продлабочува тензијата и паѓањето на нивото.

Воедно, од организацијата уште еднаш потсетуваат дека граѓанките и граѓаните имаат можност да се вклучат во борбата против девијантните појави во јавната комуникација. На веб страницата Граѓански објектив постои посебна рубрика ПРИЈАВИ, каде што може да се пријавуваат лажни вести или говор на омраза. Во истата рубрика се поместени и пријави за корупција, како и за секаков вид кршење на човековите права и слободи.

ЦИВИЛ Тим за комуникации

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish