Доцнењето на интеграциските процеси ги загрозува меѓуетничките односи

Теута Арифи, градоначалничка на Тетово и висок функционер на Демократска унија за интеграција (ДУИ) за Цивил Медиа проговори за нерегуларностите во изборниот процес, за предизвиците во ЕУ интеграциските процеси и за меѓуетничките односи во Република Македонија.

Функционери на ДУИ укажаа на низа нерегуларности во изборниот процес оваа година, како што беше гласањето во дијаспората и гласањето на граѓани од Пустец. Како Вие ќе го оцените изборниот процес во Македонија?

Во целост, во однос на гласањето во државата, ние дефинитивно сметаме дека процесот беше коректен. Секој граѓанин си го искористи правото за да гласa без некои поголеми нерегуларности или проблеми. Tакви се и генералните оцени од меѓународниот фактор. Ние како политичка партија имавме повеќе забелешки во однос на гласањето во дијаспората. Според наши информации имаше дупли гласања на гласачи и во Албанија и во земјава. Меѓу другото, исто така, сметаме дека треба да се преоцени гласањето во дијаспората имајќи го предвид фактот дека тежината на пратеникот избран во дијаспората, во однос на бројот на гласовите, во реалноста е многу помала од бројот на гласовите што еден пратеник треба да ги добие со гласањето дома. Сметаме дека гласањето во дијаспората ќе треба да се преоцени за да стане покоректно и пофер.

По конституирањето на владата, се откажавте од Министерството за одбрана, за сметка на Министерството за образование и наука. Што е разликата? Дали ДУИ ќе се обиде да изврши притисок за имплементација на Стратегијата за интегрирано образование или некој друг проект кој ќе го подобри квалитетот на образованието во Македонија?

Во целина, Министерството за образование било и останува едно стратешко министерство. За ДУИ не е прв пат да го води Министерството за образование. Ние во периодот од 2002 до 2006 го водевме процесот и Министерството за образование, сметаме дека е многу значајно. Апсолутно сме заинтересирани за зголемување на квалитетот на образовните процеси, заинтересирани сме за балансирани инвестиции во инфраструктурата во образованието и секако во однос на квалитетот на учењето и целиот тој процес на одржување на настава. Нашиот интерес во однос за зголемување на тој квалитет е голем. Остануваме отворени за можноста на што повеќе меѓународни проекти да се инволвираат во рамките на нашето образование затоа што сметаме дека на тој начин се зголемува квалитетот.

Вие бевте Вицепремиерка за евроинтеграции и имате искуство во сферата на ЕУ интеграциите. Имајќи го предвид Вашето досегашно искуство, дали оваа влада е подготвена да продолжи со евро-интеграцискиот процес на Македонија и колку ДУИ може да влијае на ВМРО-ДПМНЕ во оваа сфера?

Секоја влада е подготвена да продолжи со процес доколку постои спремност и волја да се истрае со процесот. Сметам дека нашиот процес во однос со Европската унија е процес во кој и кога ќе отвориме преговори, ќе биде долг и нема да биде лесен. Ние како ДУИ остануваме со висок приоритет за прашањата за евроатланските интеграции во целина и нормално ќе ги користиме сите наши капацитети и влијанија во однос на овие процеси да имаат динамика и да се забрзаат.

Дали мислите дека ВМРО ќе соработува со вашата партија бидејќи гледаме дека  уште од 2005 година проблемот не се решава?

Во рамки на договорот за формирање на заедничка влада секако дека и интеграционите процеси стојат во приоритетите. Имајќи го во предвид фактот дека секоја влада е работа на договор, се надевам дека секоја влада ќе ги испочитува политичките договори кои ги постигнува пред своето формирање.

Дали како градоначалничка на Тетово можете да кажете дека имате доволно можности да спроведувате локални политики и практики? Колку локалната самоуправа е навистина самостојна?

Јас мислам дека како градоначалник имате можности да спроведувате локални политики, многу повеќе од тоа што може да замислите, зависно како вие ја разбирате вашата позиција и дали ја сметате вашата позиција како можност да создавате локални политики. Јас ги појаснив моите концепти во однос на политиките во Тетово и токму поради тоа сметам дека политиките се широки и големи. Локалната власт има релативно добра финансиска самостојност, релативно добри можности за реализирање на политики на многу полиња од животот. Но зависи од вас како тоа го реализирате и сфаќате. Јас морам да кажам дека сите можности кои сме ги имале и ги имаме ги користиме во однос на покажување дека имаме локални политики и имаме општински политики кон различните прашања.

Како ќе ги оцените меѓуетничките односи во Тетово и во Македонија воопшто?

Во однос на креирање на политики за нас приоритет се политиките во однос на градење на добри  меѓуетнички и меѓуконфесионални односи. Во рамки на општинските културни политики ние максимално внимаваме да имаме активности и секоја активност на општината да го одразува мултикултурниот карактер на градот,  по тоа сме и познати, а веќе и признати. Мислам дека во целина, во државата би било добро да се следи примерот на Тетово, во однос на инвестирањето во културата и на политиките на разбирањето затоа што, на крајот на краиштата, ако генералните политики се позитивни тогаш може да очекувате добри односи. Како и да е, Македонија е со фрагилни меѓуетнички односи, сите настани покажуваат како тие односи се фрагилни, треба многу малку за да испадне голем проблем. Многу е битно како државата реагира со сето ова. Ако реакцијата е селективна тогаш односот на луѓето кон власта ќе биде селективен, што е лошо. Вториот момент е доцнењето на евроатланските процеси. Апсолутно лошо влијае во меѓуетничките односи, затоа што на Македонците и на Албанците во оваа држава им треба заедничка приказна. Ни треба концепт кој нѐ спојува, а за мене подобар концепт од Европска унија и НАТО нема. Токму поради ова мислам дека односите се фрагилни и бараат сериозен однос и одговор од државата и од државните политики.

Последните случувања покажаа дека институциите се селективни. Што мислите во врска со ова?

Во принцип, може да има грешки. Не е добро да се има намерна селективност затоа што тоа продуцира големи проблеми во живеењето и во процесот на градење на односите. Многу е битно државата да се однесува како држава и да се однесува исто кон сите, без разлика на етничката припадност. Тие што прават злодела не се етнос, тие се луѓе со име и презиме без разлика на тоа на кој етнос или вера припаѓаат. Доколку овој принцип на државност би бил посилен, тогаш тоа би било од полза на градење на поздрави меѓуетнички односи.

Арбана Ќерими

Print Friendly, PDF & Email