Бегалците се дел од македонската реалност!

За разлика од тензичното лето и есен 2015 на граничните премини и во транзитните кампови, годинешниот Меѓународен ден на бегалците, 20-ти Јуни, Македонија го одбележува во многу порелаксирана атмосфера во поглед на бегалците, длабоко потоната во внатрешно-политичката криза

По повод 20-ти Јуни, Меѓународниот ден на бегалци, Високиот комесаријат на ОН за бегалци - УНХЦР, објави дека во текот на изминатата година, бројот на бегалци и раселени лица во светот, кои избегале од конфликти и репресии, достигна рекорден број од 65,3 милиони лица.

E79130D2-92FA-44DF-86FF-55419EC094BE_w610_r1_s

 

Годишната статистика на УНХЦР покажува дека лани првпат е преминат прагот од 60 милиони бегалци и мигранти, односно, во просек, едно на секои 113 лица во светот, е потенцијален азилант, внатрешно раселено лице или бегалец.

“Милиони деца како жртви на војни пребегнуваат во други земји. Децата се најранливата популација во вонредни ситуации, се соочуваат со опасности од насилства, искористувања, болести, киднапирања, запоставувања... воените конфликти, како оној во Сирија, очигледно ќе остават последици кај една цела генерација деца, кои секојдневно се жртви и сведоци на насилство и уништување ”, се вели во соопштението на Првата детска амбасада во светот - Меѓаши.

9BC96C3F-653B-4C99-BB71-7BB7ADC89E7B_w987_r1_s

 

Изминатата година, бегалците беа дел и од македонското секојдневие. На граничните премини во Гевгелија и на Табановце, секојдневно поминуваа илјадници бегалци, термин со кој се дефинираат оние кои бегаат од воените подрачја Сирија, Ирак и Авганистан. Со железнички превоз, организиран во договор помеѓу Македонија  и меѓународната заедница, беа превезувани од границата со Грција, до македонско-српската граница, од каде тие го продолжуваа својот пат, со надеж дека ќе стигнат во Европа.

Законот за азил и привремена заштита, во овој контекст претрпе измени и беше овозможено мигрант кој ќе се најде на територијата на Република Македонија, да добие потврда дека може да остане до 72 часа во земјата.

998F72A6-2A83-434D-BCDA-433F87168262_w610_r1_s

 

За останатите, економски мигранти, кои доаѓаат од држави кои не се директно опфатени од војна, границите останаа затворени. Неретки беа и судирите со македонската полиција, која се обидуваше да го спречи нивниот влез во државата.

ЦИВИЛ - Центар за слобода, во повеќе наврати бараше надлежните македонски  институции да ги заштитат мигрантите.

Деновиве, ситуацијата во Гевгелија и во Табановце е поинаква. Бројот на мигранти кои во моментов престојува во двата погранични кампа е неколку стотини, што резултира со тоа - темата за мигрантите да е се поретко застапена во македонските, но и во светските медиуми, кои претходно секојдневно известуваа од терен за состојбата во Македонија.

По повод празникот, Асоцијацијата на млади правници на Македонија и УНХЦР денеска ќе ги  доделат наградите на конкурсот за најдобри новинарски печатени и видео-прилози на тема бегалци во 2015-тата.

Меѓународниот ден на бегалците денска ќе го одбележи и Здружението НУН „Култура“ кое организира „Караван по рутата на бегалците со велосипеди“. Поаѓањето на велосипедскиот караван е напладне од Транзитниот центар „Винојуг“ кај Гевгелија. Целта на организаторот е да се солидаризира со бегалците и симболично да потсети на нивното движење со велосипеди по автопатот од јужната граница до Табановце на почетокот на бегалската криза, кое странските новинари минатата година го нарекоа „Tour de Macedoine".

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian