Изложба за Шарената револуција во Вашингтон

„Со оглед на критичната состојба во Македонија, би сакала да помогнам и преку изложба да ги запознаам луѓето, овде во Вашингтон, барем малку повеќе со она што се случувало“, вели во разговор за ЦИВИЛ Медиа, Анета Георгиевска- Шајн, организаторка на изложбата на фотографии од Шарената револуција.

Изложбата ќе се одржи од 12-ти ноември до 18-ти декември во Колеџот за уметност и наука при Американскиот универзитет во Вашингтон.

_RA16329

Фотографија на Роберт Атанасовски

„Кога го информирав директорот на Кацен центарот при Американскиот универзитет, Џек Размузен, за мојата идеја, тој се согласи, затоа што секогаш е заинтересиран за добри проекти, особено ако имаат уметничка вредност, но и социјална и политичка тежина. Условот беше јас да ги изведам сите организациски работи и да обезбедам средства, и тоа го правам во моментов со кампања и со постојана комуникација со дијаспората“, ни изјави Георгиевска-Шајн, осврнувајќи се на процесот на договарање на изложбата.

27227390445_5ccb4c3a98_o

Фотографија на Ванчо Џамбаски

„Автори на фотографиите се Роберт Атанасовски, Кире Галевски и Ванчо Џамбаски. Веднаш се согласија да помогнат и да учествуваат, без условувања. Селекцијата, по седум фотографии од секој од нив, ја направив јас. Идејата е да се претстават основните елементи на Шарената револуција и да се долови духот на граѓанското движење. Освен избраните фотографии, ќе можам да покажам уште многу други на панел-дискусијата што ја планирам на 29-ти ноември во 18:00 часот, како дел од изложбата“, ни изјави Георгиевска-Шајн, осврнувајќи се на процесот на договарање на изложбата.

KGAL1120

Фотографија на Кире Галевски

„Желбата е оваа изложба да постигне неколку работи. Една цел е да анимира што повеќе луѓе од дијаспората, посебно тие кои досега стоеа настрана, сметајќи дека не можат да помогнат. Не помалку важно е преку нашиот ангажман да ѝм дадеме поддршка на сите оние кои што се стремат кон позитивни промени во Македонија. Конечно, сакаме да ја запознаеме јавноста во Вашингтон подобро со она што се случувало и се случува во земјата, посебно во овој предизборен период“, изјави Георгиевска-Шајн.

Марија Теговска

Print Friendly, PDF & Email