Ад хок тело: Деловникот е донесен, предизвиците допрва претстојат!

„Како членови на ад хок телото позитивно пристапуваме кон неговата работа и од тие причини очекуваме редовно присуство на сите членови. Ќе се направи се за да се обезбеди редовно присуство на сите членови. Доколку тоа не може да се обезбеди, за одржување седница потребен ќе биде кворум од тројца, кои треба да бидат едногласни за да се донесе одлука“, изјави за ЦИВИЛ Медиа независниот член во ад хок телото, Љуљзим Азири, со што се демантирани шпекулациите дека за одлука ќе бидат доволни и само два гласа

564442_10154033684831057_6732812865805161109_n

Љуљзим Азири

Непосредно по усвојувањето на Деловникот за работа, кое се одвивало без опструкции и поголеми проблеми, Азири истакна дека Деловникот за работа претставува основа, по која понатаму ќе работат.

„Деловникот е усвоен, се работи за интерен акт кој обезбедува минимум непречена работа на комисијата. Иако знаеме дека нема да биде лесно, сепак се обидуваме да воспоставиме позитивна атмосфера внатре во телото. Донесувањето на деловникот беше во мирна атмосфера,  но допрва не чека сериозна работа. Кога ќе треба да се изнесуваме за квантитативен и квалитативен мониторинг на работата на медиумите, тогаш ќе се соочуваме со посериозни предизвици“, истакна Азири.

По овој повод, ЦИВИЛ Медиа разговараше и со Зоран Стефановски, поранешен претседател на Советот за радиодифузија.

63F8C304D8291743921360B81F580108

Зоран Стефановски

„Инсистираме цело време одлуките да се носат со просто мнозинство, и затоа негативно реагирав на коментарите, дека доколку се само тројца членови присутни, доволно ќе бидат два гласа, а тоа не е мнозинство. Присуство од тројца е доволно за кворум, но неопходно е одлуката да биде едногласна, затоа што три гласа претставува просто мнозинство од пет, колку што изнесува бројот на членови. Доколку некој од партиските членови одлучи да бојкотира и да не дојде на состанок, тоа не значи дека телото треба да престане да работи, но присутните мора да бидат едногласни. За секоја одлука мора да има три гласови“, е ставот на Стефановски.

Според политичкиот договор, периодот за следење на медиумското известување веќе почна, но за телото да работи, неопходен беше Деловникот за работа што денеска е усвоен.

М. Теговска

Print Friendly, PDF & Email