Хајредини: Задолжувањето станува драматично, последиците - врз грбот на граѓаните!!

Максималниот износ на новото задолжување со еврообврзница која ке се емитува во 2016 година е 650 милиони евра! Ова е одлуката на Владата, донесена на седницата одржана на 21 јуни, која веќе е објавена во „Службен весник“. ЦИВИЛ Медиа разговараше со Џевдет Хајредини, економски аналитичар и ексминистер за финансии во првата експертска Влада, за влијанието на најновото, енормно задолжување врз македонската економија, и врз вкупниот долг на државата. „Ова значи натамошно зголемување на долгот што ќе достигне до 5 милијарди евра. Очигледно дека секнувањето на сите други приливи на пари во Македонија, ја доведува државата во многу тешка и драматична состојба. Колку ќе се оствари и по која камата, најверојатно ќе биде многу висока, ќе видиме.  Од 4 милијарди кои се сега официјални објавени како долг на Македонија, долгот ќе стигне до 5 милијарди евра. Ова значи влошување на финансиската  ситуација во Македонија, меѓутоа овој режим, оваа Влада, без тоа може да се соочи со тешки последици во израмнување на обврските што ги има (а јавноста  не го знае тоа) кон домашните корисници и компаниите што работат на проекти што Владата ги финансира, како што е  'Скопје 2014''”, вели Хајредини.

untitled-470x246

Според него, ова е потврда дека Владата нема друг излез во моментот.

„Тоa е сигнал дека финансиската состојба станува се подраматична. За да не дојдат до ситуација да ги намалат и платите и пензиите, мора да се задолжуваат. Тие се принудени, без разлика колкава камата ќе се реализира, да се задолжат во странство, оти веќе немаат каде. По сите сигнали кои стигнуваат  за секнување на другите приливи што влегувале во Македонија, еве и последните мерки на Европската комисија, ја прават ситуацијата многу, многу сложена.  Условите се многу тешки и во тој случај се прифаќа каматата која е многу повисока. Друг излез Владата нема, а какви последици ќе имаме, наскоро сигурно сите граѓани ќе бидеме сведоци", смета Хајредини.

Како што денеска објави Ројтерс, инвеститори од Велика Британија и САД следната недела доаѓаат во Македонија.

Македонија последен пат издаде еврообврзница во ноември минатата година, кога се задолжи со 270 милиони евра. Рокот  на доспевање е пет години а каматата изнесува  5,125%.  Од тој долг, 150 милиони евра беа употребени за враќање на еврообврзницата која беше издадена во 2005 година.

Марија Теговска

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian