ЦИВИЛ: Денот започна мирно, со помали пропусти и нерегуларности

Прва прес конференција на ЦИВИЛ во 10 часот

Мониторингот на ЦИВИЛ го спроведуваат 160 акредитирани набљудувачи, од кои сите, без исклучок, се мобилни, распоредени низ целата земја. Тие, во текот на изборниот ден ќе посетат меѓу 1.300 и 1.600 избирачки места во земјата.

Прес центарот на ЦИВИЛ е сместен во клубот Менада, Стара Чаршија, спроти Универзитетот на Југоисточна Европа и е отворен во 6:30 часот утрово.

Во текот на изборниот молк, кој настапи на полноќ меѓу петок и сабота, 3-4 мај, до 9 часот утринава, мониторингот на ЦИВИЛ бележи повеќе од 60 случаи на кршење на изборниот молк.

Изборниот молк се крши на терен со агитирање и дистрибуција на пропаганден материјал, на неколку интернет портали, а најмногу на социјалните мрежи како Фејсбук, Инстаграм и Твитер.

Иако објавите на социјалните мрежи во поголем дел се преку приватни профили на мрежите и може да се каже дека не го кршат Изборниот законик директно, сепак, се работи за грубо кршење на изборниот молк, особено затоа што него го спроведуваат членови, активисти и функционери во политичките партии, односно и неформалните политички иницијативи.

Исклучок не се ни јавни личности што јавноста ги препознава како поддржувачи на одделни политички опции. Со нивното јавно произнесување во време на изборен молк, тие и го кршат.

Исто така, се забележува кршење на изборниот молк и од лица вработени во јавната администрација, дури и во МВР, кои повикуваат на бојкот.

ЦИВИЛ нотира случаи на организиран превоз на гласачи во Штип и во Карбинци. Партиски набљудувач во едно избирачко место во Штип, како и член на ИО во Карбинци се вклучени во активности на организиран превоз на гласачи. Постојат индиции за кршење на изборниот молк во текот на оваа постапка. ЦИВИЛ располага со фотографии и броеви на регистарски таблички.

Следи избор од извештаи од набљудувачите на ЦИВИЛ кои пристигнаа во периодот од 7 до 9:50 часот.

На ИМ 2495 и 2496 во ОУ „Дане Крапчев“ во Гази Баба, утрото во 7,30, немало обележја за забрането внесување оружје, забрането сликање и снимање. Од ИО му одговориле на набљудувачот дека не им испратиле од ДИК.

Во ОУ „Крсте Мисирков“ во населбата Ченто, во Гази Баба, (каде што се избирачките места 2498, 2499, 2499/1 и 2500) биле расфрлани летоци околу училишниот двор, со негативна конотација за еден од кандидатите.

На ИМ 1941, 1941/1 и 1942/1 во Текстилното училиште во Тетово во ИМ немало обележја за забрането внесување оружје, забрането сликање и снимање, на почетокот членовите на ИО немале легитимации и немало две батерии, кои им се донесени подоцна.

На ИМ 2170 во Работничкиот универзитет во Велес, околу десетина ливчиња биле скинати сосе делот што треба да остане во кочанот.

На ИМ 2689 во ОУ „Љубен Лапе“ во Аеродром, гласач на глас кажал за кого ќе гласа и бил опоменат од членови на ИО.

На ИМ 2395 во ОУ „Никола Вапцаров“ во  Чаир, еден гласач го немало на Избирачки список.

На истото гласачко место – член на ИО фотографирал личната карта на гласач.

И на ИМ 2277 и на ИМ 2278 не им бил доставен параван за гласање на лица со попреченост, па како замена се користат обични високи паравани.

На ИМ 110 во МЗ „Коле Лачето“ во Битола, членови на ИО немале легитимации и изјавиле дека не знаеле дека треба да ги чуваат. ИО немал ни доволно пенкала.

На ИМ 109 во истата битолска Месна заедница, жена во поодмината возраст, но без знаци на попреченост и без видлива потреба за помош, зад пултот била со член од семејството, кој го заокружил ливчето наместо неа.

Во влезови во населбата Капиштец во скопската општина Центар, синоќа или рано утрово се залепени плакати на една неформална политичка иницијатива.

На ИМ 2816 во Домот на АРМ во Центар, нема пристап до параванот за лица со попреченост.

На ИМ 1102 во основното училиште во селото Черкези во Куманово, кога го ставал гласачкото ливче во кутијата, извикал: „Најдобриот да победи, а се знае кој ќе победи“.

На ИМ 2298 во ДМУЦ „Иван Михаилов“ во Штип, акредитиран партиски набљудувач додека гласал, обележан со акредитацијата, му се обратил на член од ИО да му пише порака за „што и како понатаму“. Ниеден член од ИО немал акредитација.

На ИМ 1935, 1936, 1943 и 1947 во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетовонемало поставени знаци за забрана на носење оружје на ниту едно од избирачките места, ниту пред влезот.

На ИМ 2690 во ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром, ИО има само тројца членови, па еден член и кине ливчиња и прска со спреј.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish