Гавриловска: Најновиот „изум“ на Владата е апсурдна одлука!

Советот за утврдување на факти и одговорност на судиите, според последната одлука донесена на седница на Владата - ќе се укине! Правниот експерт на ЦИВИЛ - Центар за слобода, Сандра Гавриловска, смета дека во услови на политичка криза и на инфициран правосуден систем, оваа одлука на Владата е нелогична.

dsc_0278-470x246

„Во услови на постоење на Судски совет, како самостоен и независен орган на судството, чија цел е пред се да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, и во чии ингеренции, меѓу другото, е и да ја следи и оценува работата на судиите и да одлучува за дисциплинска одговорност на судиите, нелогично беше самото формирање на Советот за утврдување на факти, а сега, во услови на политичка криза, кога работата на судиите е повеќе од значајна, уште понелогичен е предлогот на Владата за негово укинување", смета Гавриловска.

„И покрај се посилните меѓународни притисоци, особено за функционирање на нашиот инфициран правосуден систем, апсурден се чини ваквиот најнов 'изум', односно, предлогот на Владата за укинување на Советот за утврдување на факти, и изгледа само како уште еден обид за продлабочување на политичката криза", вели Гавриловска за ЦИВИЛ Медиа.

Советот за утврдување на факти и одговорност на судиите, согласно законот, е надлежен да утврдува факти и да донесува одлуки за потребата од доставување на барање за покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд пред Судскиот совет. Уште од неговото формирање, наиде на голем број на критики од судиите. И Венецијанската комисија сметаше дека Советот се коси со Уставот на Македонија, според кој Судскиот совет е тој кој што решава за дисциплинската одговорност на судиите.
М. Теговска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian