Американската амбасада продолжува да ја поддржува работата на СЈО

„Во Амбасадата на САД во Скопје, често во медиумите гледаме содржини за теории на заговор и тврдења за мешањето на Америка во внатрешните работи или активности, за дестабилизација на Македонија. Ние веруваме дека повеќето граѓани на Република Македонија, како и ние, ја препознаваат апсурдноста на овие приказни", се вели во последното соопштението на американскиот амбасадор во Скопје, Џес Бејли.

Како што стои во соопштението придонесот на САД во Македонија е од големо значење особено во делот на владеење на правото, за кое амбасадата постојано се залага.

„Во изминатите 15 години, Владата на САД придонесе со повеќе од 55 милиони долари, за развој на капацитетот на македонските судови, судии, обвинители, адвокатите на одбраната, како и за  полицијата да го исполни својот мандат професионално, транспарентно, ефикасно и со кредибилитет. Повеќе од 600 судии, 300 јавни обвинители, 150 адвокати на одбраната, и повеќе од 2.000 службеници за спроведување на законот имаат корист од ова”, пишува во соопштението кое американската амбасада го објави на официјалниот Фејсбук профил.

„Актуелната политичка криза покрена сомнежи за злоупотреба на власта и за можно криминално однесување, во комбинација со обвинувања за мешање на извршната во судската власт. Како одговор на тоа, лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија се согласија, и парламентот едногласно одлучи да се создаде нова независна институција- Специјално Јавно обвинителство.  Дали СЈО е успешно во спроведување на непречено, непартиско, како и стручно истражувања со целосна поддршка од сите институции е вистински тест за владеењето на правото во оваа земја. Со оглед на нејзината клучна улога во воспоставување на правна одговорност, САД го поддржува СЈО со обука и помош, исто како што му помагавме на македонскиот судски систем. Овој ангажман е одраз на нашата длабока посветеност на владеењето на правото, како и да им помогнеме на луѓето во Македонија да се ја решат актуелната криза, да развијат силни демократски институции, и да се движат напред кон членство во Европската унија и НАТО", заклучува амбасадорот Бејли, кој уште еднаш ја потврди поддршката за СЈО.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian