ЦИВИЛ ВО СВЕТСКА АКЦИЈА ЗА ОПШТЕСТВО БЕЗ ГРАНИЦИ

Со јавна презентација, која ќе се одржи на градскиот плоштад во Гостивар утре (20 април 2017) со почеток во 12 часот, ЦИВИЛ – Центар за слобода ќе го започне својот најнов проект „Општество без граници“, кој ќе се спроведува со поддршка на германската Фондација Хајнрих Бел. Главна цел на акцијата е промовирање и едукација на граѓанките и граѓаните на Македонија за Граѓанската повелба, глобален документ за унапредување на граѓанските права и активното учество на граѓаните во процесите на одлучување.

Повелбата претставува нов чекор на граѓанското општество во светски рамки, кој се промовираше минатата година на светската конференција за глобални перспективи одржана во Берлин, на иницијатива на Меѓународниот центар за граѓанско општество и повеќе реномирани светски граѓански организации. ЦИВИЛ беше една од првите 50 организации – потписнички на оваа повелба на светско ниво и ќе биде носител на промотивните и едукативните активности за Повелбата во нашата земја.

За време на утрешниот настан на гостиварскиот плоштад, ќе се организира детална презентација на сите активности поврзани со Граѓанската повелба на светско и на национално ниво. Граѓанките и граѓаните ќе имаат можност да добијат информативни и едукативни материјали, како и да се приклучат кон поддршката за Повелбата, преку потпишување на изјава за поддршка или учествување во фото и видео петицијата која е прва од овој вид, со што ЦИВИЛ за првпат ќе го воведе овој формат на поддршка во светски рамки.

Освен тоа, тимот на ЦИВИЛ ќе има и серија средби со истакнати активисти и организации од овој регион, за развивање на меѓусебната соработка и давање поддршка за граѓанскиот активизам во духот на Повелбата.

Ваков мултимедијален настан ЦИВИЛ ќе одржи идната недела во Велес, а потоа, во текот на наредните три месеци, следуваат средби и со граѓанките и граѓаните на Штип, Кавадарци, Струга, Тетово, Битола, Охрид и Скопје.

Во текот на целиот период, сите што се заинтересирани за вклучување во активностите за поддршка на Граѓанската повелба на национално и светско ниво ќе имаат можност да се информираат и да стекнат нови знаења, познанства, контакти и можности за соработка преку содржините на медиумските канали на ЦИВИЛ.

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish