Започнува судењето за кумановско “Диво Насеље”

Судењето за 29 обвинети во случајот “Диво Насеље”, започнува утре, со закажано првото рочиште, во Основниот суд во Скопје. На обвинетите во случајот ќе им се суди за тероризам и нарушување на уставниот поредок, дела за кои се предвидени казни од 8, 10 години и доживотен затвор. Обвинетите ќе одговараат за нападите врз македонската полиција кои се случија на 9-ти и 10-ти мај 2015, во кумановската населба „Тоде Мендол“ (Диво Насеље), во кои беа убиени осуммина полицајци, а 50 беа повредени.

ЦИВИЛ - Центар за слобода, постојано бара од МВР и од останатите надлежни институции, да ги разјаснат сите сомневања кои се појавија околу овој контроверзен и трагичен инцидент. Особено, со оглед на времето кога се случи инцидентот, пред сѐ, во поглед на длабоката политичка криза, на протестите на македонските граѓанки и граѓани ширум земјата поради полициската бруталност и содржините на објавените опозициски „бомби“, како и пред најавениот, протестен минтинг на 17-ти мај, на кој  повеќе од 10.000 луѓе, бараа оставка на Владата.

Диво Насеље

Диво Насеље една недела по „војната“

За ЦИВИЛ, неприфатливо беше објавувањето на информации за бројот на убиени напаѓачи во акцијата, затоа што МВР, првично информираше дека биле убиени 14 терористи, а Јавното обвинителство на 17 мај соопшти дека загинале 10 припадници на терористичката група. И овие различни бројки, соопштени од две институции, се илустрација за (не)професионалноста во вршењето на деликатна работа.

Исто така, по приведувањето на сите осомничени, надлежните институции беа обвинети за тортура врз приведените, осомничени за тероризам. Како што тогаш изјави омбудсманот Иџет Мемети, притворените биле малтретирани и измачувани. ЦИВИЛ и тогаш побара, од надлежните институции да му дозволат на правобранителот Мемети да ги посети притворените во истражниот затвор во Шутка, а Мемети и на денешната прес конференција, уште еднаш потврди, дека постојат докази за малтретирање на притворените од службени лица: „Ова не се мои констатации, туку се работи за вербални и материјални докази“.

Од апсењето досега, обвинетите се изјаснуваа како невини, а според одбраната, обвинението е неосновано. Обвинителство тврди дека обвинетите се дел од групата која планирала и организирала терористички активности во Македонија, кои завршија со крвавата пресметка на 9-ти и 10-ти мај.

Марија Теговска

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian