Цивил повикува на граѓанска истрага

ЦИВИЛ го започна проектот Граѓански објектив, во кој можат да учествуваат сите полнолетни граѓанки и граѓани на Република Македонија, со фотографии, видео и аудио снимки и текстови за сите видови закани, уцени, корупција во изборен контекст и кршење на гласачкото право.

Секој месец, петте најуспешни трудови ќе бидат наградувани со вредносни ваучери за набавка на фото/видео и компјутерска опрема. Секој што има паметен телефон, фотоапарат или камера од каков и да е вид, како и секој што има барем основни вештини за пишување, повикан е да се вклучи во нашиот проект.

ЦИВИЛ подготвува и пет дводневни регионални семинари за обука на граѓански новинари. Предавачи на овие семинари ќе бидат истакнати професионалци и експерти од областа на новинарството и активизмот.

На секој од семинарите можат да се пријават сите полнолетни граѓан(к)и со кратка биографија и мотивациско писмо (максимум по една страница) во кои накратко ќе ги опишат своите вештини и ќе изразат подготвеност за учество на семинарите. Секој учесник кој ќе ја заврши обуката ќе добие и сертификат.

Првиот семинар ќе се одржи во Скопје на 31 октомври и 1 ноември, на кој може да се пријават жители на Скопје, Куманово, Липково, Тетово, Гостивар и сите други околни општини. Пријавувањето е до 29 октомври (четврток) на monitor@civil.mk со назнака: Пријава за семинар.

Останатите четири семинари ќе се одржат во текот на ноември и декември и ќе ги покријат сите останати региони на Македонија.

CLP logo 01
Накратко за проектот Граѓански објектив

Граѓански објектив е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот, кои се основа за дологорочно изборно набљудување. Овој проект ќе придонесе кон развој на граѓанското новинарство во земјата.

Општа цел на проектот е да се зајакне јавната свест за политичките процеси во контекст на претстојните избори и да се алармира домашната и меѓународната јавност за измамничките практики во изборните процеси.

Намената на проектот е да се идентификуваат и обелоденат случаите на кршење на гласачкото право во интерактивна и динамична активност која ќе ги вклучи активистите за човекови права, медиумите и општата публика, со прибирање фотографски, видео, аудио и пишан материјал, кој ќе послужи како основа за понатамошно набљудување, анализа и известување за изборниот процес.

Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English