За изборите - отворено, без пардон

ЦИВИЛ го организира јавниот настан „Аларм: Слободни избори, услов за кој (не) се преговара“ денеска (вторник, 5 јуни 2018) во хотел Континентал, со почеток во 13 часот. „Јавен настан посветен на граѓанките и граѓаните, правото на глас, правото на учество во одлуките, правото на слобода“ - се вели во соопштението на организацијата. 

Изборниот систем и изборните практики се такви што на најразлични начини го повредуваат правото на глас на граѓанките и граѓаните на Република Македонија. Избирачки список во крајно лоша состојба, сериозни финансиски и медиумски манипулации, широко распространета политичка корупција и поткуп на гласачи, неказнивост, нееднаквост, неможност за помалите партии да учествуваат рамноправно во изборната трка... Тоа е само дел од големите проблеми со кои се соочува општеството во текот на изборните процеси. На изборите се трасираат начините на владеење, се решаваат судбините на луѓето, често надвор од демократските стандарди и спротивно на Уставот и законите. Навидум добро спроведени, со „мали недостатоци“, изборните процеси во Македонија се меѓу најтешките облици на манипулација со волјата на гласачите и грубо ги кршат човековите права и слободи.

За овие и низа други аспекти на изборните теми ќе говорат Хедер Роберсон Гастон (САД), Сандра Гавриловска, Сашо Орданоски, Александар Новакоски и Џабир Дерала. ЦИВИЛ јавно ги покани претставниците на сите политички партии, институции, медиуми, организации на граѓанското општество и заинтересираните граѓанки и граѓани да земат активно учество по воведните излагања.

„Очекуваме за збор да се јават особено претставниците на помалите политички партии, како и граѓанките и граѓаните, кои се најзасегнати, да дадат активен придонес кон оваа јавна дискусија, со цел да се фрли повеќе светлина на овој процес, толку важен за периодот пред нас. Што се однесува до нас, ќе ги изнесеме фактите и препораките без пардон, како и секогаш. Оставаме на совеста и одговорноста на другите засегнати страни да постапат како што тие мислат дека е најдобро“ - изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ во пресрет на овој јавен настан. Тој ќе ја отвори дискусијата со презентација на препораките на ЦИВИЛ, а според најавите, тој ќе зборува и за предизвиците за изборниот процес кој ѝ претстои на земјата на почетокот на идната година.

Тимот на ЦИВИЛ ќе биде отворен и за прашања и коментари од онлајн заедницата која ќе може да го следи настанот преку социјалните мрежи. Хаштаг на настанот е #СлободниИзбори или #ZgjedhjeTeLira.

Настанот е дел од проектот „Слободни медиуми за слободно општество“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian