Сите поенти од конференцијата на годината

Kонференцијата на ЦИВИЛ за изборни реформи: Перспективите на македонските избори можеше да се проследи во живо, на видео каналот на организацијата. На конференцијата учествуваа државниот врв, министри, лидери на политички партии, експерти и невладини организации. На конференцијата, со видео порака, се обрати и премиерот Зоран Заев, кој е во Њујорк на 74. Заседание на Обединетите Нации.

 

Конференцијата ја најави претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, по што дискусијата ја отвори претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

„Оваа конференција има две главни цели. Да ги продолжи нашите заеднички напори да изградиме изборен систем во земја на едуцирани гласачи, што подразбира инклузивност на сите во општеството и државата, сите да добијат еднакви можности, не само да учествуваат во изборните процеси, туку и да го креираат изборниот систем. Системот не им припаѓа на големите и моќните, туку на граѓанките и граѓаните. Втората цел е да собереме, на едно место, релевантни идеи за конкретни решенија за изборни реформи на оваа конференција, а во периодот по оваа конференција, да работиме заеднички, инклузивно, да им дадеме ритам и содржина на изборните реформи“, истакна Дерала.

Пендаровски: Само еден модел за подобро функционирање на демократскиот политички систем не постои

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски на денешната Конференција за изборни реформи „Перспективите на македонските избори“ во своето обраќање пред присутните истакна дека е исклучително важно да се дискутира за едно вакво прашање како што се изборите, но и дека демократијата е многу повеќе од изборите.

Избрзани, премногу чести или реформи за кои нема согласност од опозиијата, се полоши отколку задржување на постпојниот модел. Едно е сигурно, само еден модел за подобро функционирање на демократскиот систем не постои, рече претседателот Стево Пендаровски на отворањето на конференцијата.

„Суштинската демократија не е можна без слободни избори, тие се нејзин почеток без кој не се може, клучна легитимација. Имаме различни искуства со изборните процеси. Првите и вторите, со својот изборен модел, овозможувале поголема компетитивност. Критичарите на постојниот модел сметаат дека неговите ефекти се во зголемена централизација, мал простор за внатрепартиско одлучување, клиентелизмот. Иако ниско ниво на политичка култура не можат да се сведат само на изборниот модел. Бевме сведоци дека и при релативно мирен изборен дел, можно е масовно манипулирање со вољата на граѓаните“, рече Пендаровски.

Заев: Гласот на граѓанинот е сржта на демократијата

Премиерот Зоран Заев, преку видео порака им се обрати на учесниците и присутните на Конференцијата за изборни реформи „Перспективите на македонските избори“ и изрази увереност дека од дискусијата ќе произлезат конструктивни насоки за законската и институционалната рамка за изборниот систем, кои Владата ќе ги проследи со посебно внимание.

„Уверен сум дека од вашиот придонес ќе произлезат конструктивни насоки за законската и институционалната рамка за изборниот систем на транспарентна и инклузивна основа. Бидете уверени дека јас, како премиер, и Владата на Република Северна Македонија со најголемо внимание ќе ги проследиме и анализираме согледувањата коишто ќе дојдат од сите вас. На тоа не обврзуваат и препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија, кои за оваа тема беа во насока да се отвори сеопфатна дебата“, изјави Заев.

Премиерот додаде дека како доказ за нивните заложби да се внесат што е можно повеќе демократски решенија во изборниот систем е и соработката со граѓанскиот сектор и со меѓународната заедница, на која и се благодарни за големата техничка и финансиска поддршка на овие процеси.

„За овие процеси да бидат навистина успешни, треба сите партии кои се застапени во Собранието да покажат подготвеност да учествуваат во овие реформи. Важен е гласот и на помалите вонпарламентарни партии. Секој конструктивен глас треба да биде слушнат. Како и секогаш, отворени сме за дијалог во полза на максимално демократизирање на изборните процеси во Република Северна Македонија. Низ дебата и анализи да ги добиеме најдобрите насоки за модел и законски решенија кои ќе бидат најсоодветни за да ја зајакнеме парламентарната демократија со народни претставници кои ќе ги застапуваат интересите на различните заедници во нашата земја“, додаде Заев.

Герберих: Потребна е заедничка соработка за европска иднина

Н.Е. Амбасадорот на Сојузна Република Германија, Томас Герберих, во своето воведно обраќање на Конференцијата за изборни реформи: Перспективите на македонски избори, изјави дека е крајно време нашето општество да се обедини и тесно да соработуваат сите етникуми со цел да се надминат поделеностите.

„Денес / утре  германскиот парламент, Будестагот, ќе донесе одлука за гласањето за почеток на преговори за ЕУ членство на Северна Македонија и Албанија во Советот на ЕУ во октомври. Јас сум секако оптимист дека одлуката ќе биде позитивна. А потоа сите ја чекаме одлуката на Советот на ЕУ, а јас останувам повеќе од оптимистичен дека ќе има јасна одлука за започнување разговори за пристапување на Северна Македонија во ЕУ. И покрај сите тешкотии и недостатоци што сé уште постојат, Северна Македонија создаде успешна приказна на Западен Балкан, особено во однос на зближување на регионот. Северна Македонија моментално нема проблеми со своите соседи. Северна Македонија направи голема разлика во историската димензија со Преспанскиот Договор. Тоа треба да претставува пример за целиот регион“, изјави Амбасадорот Томас Герберих.

Тој додаде дека покрај успехот на надворешната политика, сега е битно понатаму да се продлабочи процесот на реформи и да се спроведат реформските закони претходно донесени од  Парламентот, вклучувајќи ги, исто така, гласовите на опозицијата.

„Овие напори треба да се засилат и да дадат опипливи резултати за секој граѓанин. И овие напори мора да ја вклучат реформата на изборниот систем. За таа цел, општеството – ова се однесува и на сите делови од вашето општество, вклучувајќи ги сите етникуми – мора да се обедини и сите тесно да работат заедно за да се надмине сé уште постоечката, а понекогаш и зголемена, поделеност на општеството. Тука би сакал да оддадам почит на улогата на претседателот Пендаровски, чие мото секогаш е дека е тој претседател за сите. Конкретните теми за кои ќе зборувате денес на вашата конференција се исто така централни делови на процесот на ЕУ интеграција во облик на повеќестрана поддршка од тие институции, како и очекувања за напредок кон пристапувањето“, изјави Амбасадорот на Сојузна Република Германија, Томас Герберих.

Дескоска: Почнуваме нови разговори за измени на Изборниот законик

Министерстворо за правда ќе ги обнови разговорите на работната група за измени на Изборниот законик, најави министерката за правда Рената Дескоска на Конференцијата зборни реформи „Перспективите на македонските избори“.

„Беше изготвен одреден нацрт во кој ги имплементиравме препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но ги немавме одговорите на политичките партии. Без оглед на тоа, ќе почнеме нови разговори. Новиот текст на законот ќе ги вклучат и актуелните прашања, како отворени листи и нов изборен модел, а МП ќе биде медијатор во процесот“, изјави Дескоска.

Таа нагласи дека Министерството за правда нема да поддржи ниту една реформа за која ќе нема консенсус од политичките партии.

Манчевски: Законите не ни се проблем, проблем е непочитувањето!

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, истакна дека МИОА во наредниот период станува важно во огранизацијата на изборите во делот на Избирачкиот список.

„Како можеме да помогнеме? Во МИОА се заврши инсталацијата на електронски регистар на население и наскоро ќе биде пуштен во употреба. Тој треба да ги разреши конфликтите околку различните податоци за граѓаните. Тоа не значи дека ние ќе го правиме Избирачкиот список туку само ќе помогнеме. ДИК и понатаму е одговорен за Избирачкиот список, а ова ќе биде само една алатка која ќе им помогне на оние кои го изготвуваат Избирачкиот список“, изјави Манчевски.

Во однос на ставовите на СДСМ, Манчевски истакна дека партијата има доста чисти позиции во делот на изборните реформи, кои се внесени и во изборната програма и дека се надева дека конечно имаме услови за да го исполниме тоа.

„Разговараме ефикасно на теми коишто се уште сметаме дека може да ги подобриме услобите. Првата тема за која се постигаа резултати тоа беше консензусот на новиот состав на ДИК. Законот во драфт форма е пратен уште лани, но немаме одговор од ВМРО- ДПМНЕ. Постоеше шанса да биде имплелемтиран досега“, вели Манчевски додавајќи дека се што е во насока на зголемување на граѓанските права и слободи е прифатливо за СДСМ.

Тој потоа зборуваше за законот за финансирање на политичките партии за кој рече дека СДСМ се согласила под уцена и притисок.

„Овој начин на финансирање на пол кампања беше прифатен од наша страна под уцена. Во подготовките на референдумот ние немавме избран состав на ДИК. Бевме условени да го прифатиме овој начин на финансирање затоа што поинаку ќе немаше избор на нови членови на ДИК. На ВМРО – ДПМНЕ им беа важни парите!“, истакна Манчевски, повикувајќи ги претставниците на ВМРО-ДПМНЕ да ги демантираат овие наводи.

Манчевски заврши со поентата дека важна е политичката волја. „Ако може да се донесе било каков Закон ако сака да се манипулира со избори ќе се најде начин. Законите не ни се толку проблем колку што е проблем што не ги почитуваме. Ако не сме сите посветени во процесот не е важно што ќе се договориме. Скеогаш треба да се бориме за повеќе“, заклучи Манчевски.

Милевски: Локалните избори ќе имаат отворени листи

Следните избори за општински советници ќе бидат со отворени листи, за што имаме политички консензус, најави министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

„Во рамки на измените во функционирањето на локалната самоуправа, до Нова година треба да има нови измени на Законот за избор на советници, тие да се бираат со отворени листи. За ова има владин консензус, опозицијата најави дека нема ништо против. На тој начин ќе се подигне квалитетот на општинските совети“, рече Милевски.

И ЛДП е за промена на изборниот модел, ЛДП се залага за отворени листи и една изборна единица, мерило за демократизација на општеството. Меѓу проблемите кои ги има сегашниот Изборен законик, според Горан Милевски, е и рекламирањето на кандидатските листи.

„Сметаме дека едната изборна единица, отворените листи и забраната за коалицирање ќе ја претстави реалната состојба во државата“, вели Милевски.

ЛДП сметаат дека на предизборни кампањи сите партии треба да почнат од нула и никој не смее да има предност. За веродостојност на гласањето, според Милевски, треба да се воведе, односно врати, начинот на идентификација на гласачите со отпечаток на прст. На избирачките места, пак, не смее да се дозволи да има претставници само на најголемите политички партии.

Морачанин: Отворени листи значат поголема лична одговорност на секој пратеник

Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин истакна дека отворени листи значат лична одговорност на секој пратеник

„Отворени листи треба да има и за парламентарни и локални избори, тоа ќе значи дкеа граѓаните нема да бираат само за која партија ќе гласаат, туку и кандидатот. Тогаш е уште поголема личната одговорност на секој пратеник“, изјави Морачанин.

Таа истакна дека ДОМ со години наназад се залага за промена на изборниот модел со три клчни поенти: една изборна единица, отворени листи и подеднаков број на мажи и жени на листите. Таа смета дека со една изборна единица, со пропорционален модел, ќе се унапреди демократијата и граѓаните ќе бидат посоодветно застапени.

„Сега, кандидат со 5-6 илјади гласови може да не освои пратеничко место, тоа значи дека оние граѓани кои гласале за него, нема да добијат претставник во парламентот“, истакна Морачанин.

Поповска: Бараме место во процесот на измени на Изборниот законик

Пратеничката од истата партија, Лилјана Поповска истакна дека пратениците кои бараат една изборна единица бараат место во процесот на измени на Изборниот законик.

„Дванаесетте пратеници од Иницијативата за една изборна единица бараат да бидат вклучени во процесот на измени на Изборниот законик“, нагласи таа како претставничка на иницијативата.

„Како пратеници бараме да бидеме вклучени во процесот на измени на Изборниот законик. Побаравме средби со претседателот на СОбранието Талат Џафери и со најголемите политички партии. Сметаме дека како 10 проценти од Парлементот, имаме право да учествуваме во овој процес.“, рече Поповска на Конференцијата за изборни реформи организирана од ЦИВИЛ.

Лога: Алијансата поддржува отворени листи, но не и една изборна единица

Претставникот на Алијансата на Албанците, Кренар Лога истакна дека партијата поддржува отворени листи, но не и една изборна единица.

 

„Ние сме против една изборна единица. Треба да има најмалку 8, а може и 10 изборни единици. Според Законот за територијална поделба од 2009 година, треба , што е и наша заложба, да имаме пропорционална застапеност.“, вели Лога.

Алијансата за Албанците, нагласи, е отворена за дискусија за сите изборни модели и смета дека сегашниот модел е неодржлив.

„Сметаме дека не се реало застапени сите единици. Другите интервенции во Изборниот законик, кога прагот од 3 отсто е зголемен на 5 отсто, само ја зголемуваат диспропорцијата“, истакна Лога.

Самка Ибраимовски: да не беа бомбите ќе бевме монархија

„Да не беа бомбите ќе бевме монархија. Луѓето ни заминуваа надвор, остануваа гласачите на партијата која беше експерт за фалсификување на изборите. Не случајно е направена таа зграда, да се качи монархот горе и да мафта на народот.“, рече пратеникот на ПЦЕР Самка Ибраимовски на денешната конференција.

„Ќе излезем на терен, ќе ја одиграме утакмицата, кој ќе победи, ќе оди понатака. Сакам да се соочам со мојот народ, да видам што мисли за мене. Не затоа што сум Ром, туку да видам и тие во Скопје и тие во Дебар што мислат за мене“, смета пратеникот Самка Ибраимовски, еден од потписниците на Иницијативата за една изборна единица.

Тој смета дека избирачиот список нема повеќе од 1.300.000 гласачи и инсистира дека во процесот на менување на Изборниот законик треба да учествуваат сите партии.

„Затоа инсистирам да биде една изборна единица. Верувам дека повеќе пратенички места ќе добиеме, но секако ќе ја знам својата политичка моќ, и како граѓаните очекуваат да делуваме“, истакна Ибраимовски.

Богојески: големите партии се плашат од конкуренција во модел со една изборна единица

„Кај големите партии имаме двоен страв од конкуреција при модел со една изборна единица: прво за листите, второ за лидерите. Но тоа е прекрасна можност за партиите да направат внатрешна филтрација и да остават граѓаните да го изберат лидерот.“, смета Петар Богојески, кој, како што рече, со своето учество на Конференцијата се обидува да промовира „нормална опозиција, која ќе дискутира за нормалните теми, освен за СЈО“.

Опозиција која знае да ја препознае шансата преку иницијативи од невладиниот сектор да почне дебата за важни прашања, смета тој.

„Значајно за големите партии е дека покажаа исклучителен недостаток на демократски капацитет, особено партиските лидерства. Бидејќи имаме недостаток на тој капацитет, а суфицит на интереси, во нивни интерес во насока на промоција на една изборна единица е следново: тие се најголеми губитници во 6 изборни единци бидејќи илјадници гласови се губат и не се валоризираат во мандати. Тоа е и шанса на помалите партии да ги сконцентрираат своите гласови “, вели Богојески. Тој нагласи дека Европа оди и понатаму: сака Европската унија да ја направи една изборна единица.

Алиу: Алтернатива бара отворени листи за поправична застапеност

„Ние сме на ставот дека листите треба да бидат отворени со единствена цел, поправична застапеност“, смета Лулзим Алиу од Алтернатива.

Тој вели дека иако изборните модели и досега се менувале, никогш не биле правични за сите субјекти и за сите граѓани.

 

„Ако имаме повеќе од четвртина граѓани, припадници на албанската етничка заедница, тоа не е претставено во Собранието. Но, со отворени листи ќе се зголеми и квалитетот на избраните пратеници. Често се случува во Собранието граѓаните да ги застапуваат оние кои повторувале, од последните клупи во класот. Со отворените листи ќе се овозможи пратеници на подостоинствен начин да ги застапуваат граѓаните“, смета Алиу.

Реџепи: Беса е за отворени листи, но три изборни единици

Беса смета дека изборен модел со една изборна единица и со отворени кандидатски листи им дава легитимитет на партиите и на кандидатите и ги поврзува со нивните избирачи, односно граѓаните, рече Кастриот Реџепи.

Но, Беса смета дека треба да има три изборни единици, за соодветно географско претставување на граѓаните.

Реџепи, како и неколкумина негови претходници, дека би било добро на вакви дебати да учествуваат претставниците на Министерството за правда и најголемите партии, кои одлучуваат за изборниот модел.

„Многу е важно да се создаде ефикасен механизам за прочистување на избирачкиот список, но и да им се овозможи демократското право на глас на гласачите кои сега не фигурираат во избирачкиот список Уредување на финансирање на изборните кампањи произлегоа не целосно дефинирани Во иднина деталите да бидат целосно дефинирани, а не да бидат во волјата на пол партии, секогаш на подобрување на усовршување на овој процес“, смета Реџепи.

НСДП: Да видиме кој колку тежи

Време е да го смениме изборниот модел, и овој и претходниот веќе го дадоа дадоа придонес, смета Владимир Трајковски од НСДП.

„Се залагаме за итна реформа на изборниот модел и сметаме дека овој модел би бил најдобар за помалите партии, затоа што 20,30 или 40 лјади гласови би се преточиле во мандати и тие би добиле политичка тежина. Така ќе видиме кој колку тежи“ смета Трајковски.

Тој нагласува дека менувањето на изборниот модел не смее да биде детска игра, туку во процесот мора да бидат вклучени стручњаци, професори и академици.

„Демократи“ бараат задолжително гласање Политичката партија

„Демократи“ се залага за промена во мнозински модел, воведување на задолжително гласање, за да се овозможи поголем цензус, смета Љубомир Крстевски, претставник на партијата.

Партијата бара и професионализација на Државната изборна комисија, за да се исклучи можноста во комисиите да бидат ангажирани членови на политички партии, отворени кандидатски листи и неможност да се менуваат предизборните коалиции или партиската припадност по верификација на мандатите на пратениците.

Крстевски побара и да се укине платеното политичко претставување на кандидатите на партиите кои располагаат со големи финансиски средства, или на сите партии да им се доделат еднакви средства. Тој побара и да се забрани, при испитување на јавното мислење, граѓаните да го изразуваат својот став за конкретни кандидати, со што смета дека се нарушува тајноста на гласањето.

ГДУ бара гласачки ливчиња со опција „ниту еден од наведените“

Граѓанско-демократската унија се залага за отворени листи и една изборна единица, но и намалување на бројот на претставници, и на централно, и на локално ниво.

„Бројот на советници во Град СКојпе е 45. Во Град Њујорк е 50.“, нагласи Петар Колев од ГДУ.

Партијата се залага и за промени во цензусот, но и опција „ниту еден од наведените“ на гласачкото ливче.

„Обединети за Македонија“: Со една изборна единица секој глас тежи исто

„Обединети за Македонија“ е за напуштање на моделот со шест изборни единици, затоа што со него гласовите не тежат подеднакво, рече пертискиот претставник Ѓорѓи Станковски, кој претстави и симулација на изборните резултати со друг изборен модел.

ДКСК: сегашниот начин на финансирање на партиите е неодржлив

„Законските решенија полека, но сигурно, наведуваат на трајно финансирање со буџетски средства, а најголема корист имаат најголемите партии.“, вели Катица Николовска од Државната комисија за спречување на корупцијата, која наведе неколку примери за можности на злоупотреба на партиските финансии, особено во време на избори.

Само една од неколку партии опфатени со нејзино скорешно истражување на својата интернет страница имала финансиски извештаи, нагласи Николовска.

„Останува фактот дека овој начин, на буџетско финансирање на партиските кампањи, долгорочно не е одржлив.“, рече Николовска. Таа го објасни начинот и ингеренциите на ДКСК и Државниот завод за ревизија во контрола на финансирањето на партиите, и ги нагласи недостатоците и неможноста за постапување на овие институции.

„Дали причината за ваквиот начин на контрола е да нема воопшто контрола:?“, прашува Николовска.

Бачовска: Неопходно е политичарите медиумски да се описменат, а партиите да си ја зголемат општествената одговорност

Мораме да имаме квалитетна политичка комуникација, а за тоа е неопходно прво едукација за медиумска писменост за политичарите, но и да се зголеми нивото на општествена одгороност ан политичките партии, смета професорката Јасна Бачовска, која на конференцијата за изборни реформи во организација на ЦИВИЛ, говореше за проблемите со партиската злоупотреба на медиумите, манифестирана, меѓу другото, и со феноменот на лажните вести.

„Ако некој портал ни е политички близок, не треба крш таму да правиме, не смееме да правиме штета на општеството.“ нагласи Бачовска.

Таа вели дека платените политички реклами се полесниот дел од проблемот на медиумското претставување на партиите.

„Она што е многу поопасно е дифузното пропагирање за време на изборите, а тоа е квалитетот на политичката комуникација. Но, тоа не е проблем само кај нас, тоа е секаде проблем. Но, Во тој дел имаме малку поголем проблем бидејќи немаме квалитетни медиуми. Во Британија, може да имате какви сакате фејк њуз, но на крај ќе го отворите „Гардијан“, вели Бачовска.

„Кај нас, со ваквите порталчиња, гледате што се случува. Целосно сме дефокусирани од вистинските проблеми, прават огромна штета“, истакна таа.

Нуредини: Една изборна единица, отворени листи без никаков праг

Поддржувајќи ја иницијативата за промена на изборниот модел, Азби Нуредини од „Иницијативата за граѓански права“ зборуваше за изборно насилство, илустрирајќи го и со пример од личното искуство во изборни циклуси.

Тој побара промени во изборните тела кои треба да го гарантираат, меѓу другото, и мирот во изборниот процес.

Димитровска: Бараме еднаквост на лицата со попреченост во изборните процеси

Благица Димитровска од „Инклузива“ зборуваше за тоа дека нашата земја навидум изгледа демократска, бидејќи правото на учеството во политичкиот процес го имаат сите, освен лицата со попреченост.

„Кај нас постои правен систем каде на една група граѓани им се одзема правото на избор, тоа се граѓаните со попреченост , со што се прави директна дискриминација. Нема да молчиме за тоа, затоа што тие го губат правото на глас затоа со тоа што ги бришат од избирачкиот список“, вели Димитровска.

Димитровска додаде дека Македонија се уште немаме пратеник лице со попреченост.

„Каде е почитувањето на различностите? И тие се луѓе со исти права и не треба на нив да се гледа со сожалување, тие немаат пристап до информации, комуникација, еднакво право на глас, нивниот глас се злоупотребува, се полнат кутии во нивно име!“, додава Димитровска.

„Како што зборуваме за еднаквост за мажи и жени или етничка, ние бараме еднаквост на лицата со попреченост и сакаат да работат еднакво како сите граѓани, на нас без попреченост ни недостигаат многу нешта, односно желбата нашата држава да оди напред“, вели Димитровска.

Игор К. Илиевски / Маја Ивановска / Ангела Петровска

фотографии: Биљана Јордановска / Горан Наумовски / Ангела Петровска

 

 

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian English