Величковски, ЛП: Партискиот поредок мора да падне!

Либералната партија на Македонија ќе оди самостојно на избори, насочувајќи ги своите приоритети кон неопределеното гласачко тело на кое ќе му предложи програма за промени во партискиот поредок на „големата четворка“.

ЦИВИЛ Медиа разговараше со Ивон Величковски, претседател на ЛП, за улогата на граѓанското општество и на медиумите во изборниот процес, за политичките осцилации во трката за победа на изборите, за злоупотребите и за низа други горливи теми.

ЦИВИЛ Медиа: Можете ли накратко да ја претставите програмата на вашата партија?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Приоритетите се системското функционирање, создавањето на одржлива и предвидлива власт, враќањето на вистинската парламентарна демократија во политичкиот процес во Собранието и секако, демократизацијата на политичките партии. Јасно ни е дека оваа криза нема да заврши со овие избори, туку политичкиот процес ќе трае. Секако, основните прашања на економското функционирање и на консолидацијата на економскиот систем се меѓу основните цели на Либералната партија, а тоа е процес што, исто така, ќе трае.

ЦИВИЛ Медиа: Дали и како ќе ги третирате темите од областа на меѓуетничките односи кои, очигледно, се водечка тема во безмалку сите изборни процеси?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Тоа се теми кои се неизбежни, потребни за демократија во развој, како што сме ние, секако дека се битни да бидат постојано третирани и унапредувани. За нас е лесно што, уште на Конгресот на 26 април 2015 година, ги донесовме основите на Изборната програма на Либералната партија, и знаете дека нашите три приоритети ги дефиниравме како 3И: инвестиции, интеракции и интеграции. Делот на интеракции, односно меѓуетничките односи, е опфатен во нашата програма на политичкиот систем. Притоа, основниот концепт е градење на политичката нација, односно, граѓаните на Република Македонија од сите етнички припадности да имаат еднакви права и еднакви можности, но и еднакви можности секако со припадноста, со државјанството на Република Македонија што го имаат.

Свесни сме за потребите да се унаредуваат тие меѓуетнички односи, дека треба да се интервенира во многу законски решенија, во многу текстови кои ги уредуваат овие прашања и од тие причини, граѓанскиот концепт, заедно со секуларноста во државата, се темелите врз кои што сакаме да изградиме интегративно општество и општество кое нема да биде исклучиво само за еден свој припадник, било по етничка, било по родова, сексуална, по која сакате определба.

IMG_2168

ЦИВИЛ Медиа: Во неколку наврати изјавивте дека Либералната партија на Македонија ќе настапи самостојно на изборите на 11-ти декември. Кои се вашите очекувања на изборите? Кои и какви нерегуларности очекувате во овој изборен процес?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Во услови на ваков политички клиентелизам што е воспоставен во Република Македонија, сметам дека не се постигнати условите за вистински фер, демократски и кредибилни избори. Но, „пржинската четворка“ си одлучи така како што сакаше, за да го конзервира својот „партиски поредок“ и токму затоа една од нашите цели е промена на тој партискиот поредок. Односно, поредокот кој всушност ја создаде кризата, кој ги обезличи институциите и ја спречи нивната функционалност. И, во таа насока, немам високи очекувања за стандардите кои ќе бидат исполнети.

Напротив, мислам дека на крајот, сите ќе кажеме дека тоа биле, ете така, едни фер, демократски избори, но на некој минимум. Нема минимум и максимум услови. Услови има или услови нема. Но, политичка партија постои за да оди на политички натпревар и за да ги извлече гласачите да застанат зад една политичка програма и зад една идеја. Во таа смисла, она што го најавивме околу самостојниот настап, тоа исто е најавено на тој Конгрес на партијата и ние си продолживме со своите подготовки, без оглед на сите осцилации.

Напоменувам дека сé уште нема воопшто разговори со било која структура, во дел на таканареченото окрупнување, иако гледам некои инцијативи од различни страни. Тие иницијативи, очигледно, во овој момент, се само вокални, а некој суштински процес не забележуваме.

Нашата понуда беше да создадеме три фронта во опозицијта, односно, да создадеме три блока кои ќе се спротивстават на овој ров што го создадоа ВМРО–ДПМНЕ и ДУИ. Конкретно, сметаме дека е неопходно постојните коалиции и оние што сега се формирани, да функционираат и секој да ги адресира своите гласачи. Исто така, овој граѓански центар, овие граѓани кои се, меѓу 200 и 300 илјади, бараат нешто поинакво, а нив мора да ги извлечеме на избори и да знаат зошто... Не да ги извлекуваме со сила, туку да излезат заради своја определба и заради тоа што сакаат да го променат „партискиот поредок“ на пржинската четворка.

ЦИВИЛ Медиа: Дали се подразбира дека Вие ќе се обидете тоа да го направите, меѓутоа дека останатите политички партии, вклучително и партијата на власт, може да прибегне кон злоуптреба на гласачкото тело?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Злоупотреба на гласачите од Либералнта партија во 25 години не се сеќавам дека се случила, а за сите злоупотреби кои се случија во изминатите десет години, па сигурно, и повеќе години наназад, и тоа како, имаме слушано. Но, ова што е во моментот, не дава можност да видиме дека партијата е одвоена од државата, дека нема да бидат применувани истите методи... Броењето на гласовите на крај секогаш било проблем во Македонија. Ќе видиме на колку места ќе снема струја, на колку места изборните кутии ќе се вратат по пребројувањето и колку записници од избирачки одбори - ќе нема. Јас знам за шеснаесетина кои од 2011 сé уште се бараат!

ЦИВИЛ Медиа: Кои се пораките на Вашата партија до граѓанското општество? Како ја гледате улогата на граѓанското општество во изборниот процес?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Одлично прашање. Ви благодарам на можноста да истакнам дека ни е доведена во прашање безбедноста на демократијата! Не зборувам само за безбедноста на државата од надворешни фактори. Нашата демократија во Македонија е безбедносно загрозена! Што се однесува до граѓанското општество, некои имаат впечаток дака на некој начин е партиски врзано и не ја исклучувам таа можност. На крајот на краиштата, граѓаните имаат право да се определат политички.

Начинот, дали тоа е направено добро или лошо, оставам на крајот гласачите да го утврдат. Но, граѓанското општество во Македонија даде еден импулс што политичките партии не можеа да го дадат. Отворија прашања за кои партиите се плашеа да ги отворат! Во таа смисла, ги молам граѓаните и граѓанското општество, да бидат граѓани и граѓанско општество. Секој ќе си гласа по сопствено убедување, но високи се очекувањата и тие ќе можат да препознаат партнери. Политичките партии можат да бидат партнери во рамките на еден политички и институционален процес. Секој ќе го донесе вистинскиот избор, а јас верувам во граѓанското општество во Македонија.

IMG_2178

ЦИВИЛ Медиа: Колку и на кој начин медиумите ќе придонесат или ќе наштетат во спроведувањето на изборниот процес?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Медиумите и во овој изборен процес, како и досега, ќе бидат жестоко ограничени од сите законски и фактички ограничувања кои им биле наметнати, согласно досегашната економска и политичка состојба. Со овие ад хок тела, како што тргна работата, ќе се сведеме на мерење минутажа. Тоа значи дека медиумите нема да бидат во вистинска позиција да ги остварат своите цели и причините за постоење.

Но, повторно ќе кажам, политиката не е лесна работа, а предизвиците се големи.

Се надевам дека медиумите ќе можат да исчекорат напред и вистински да ги претставуваат оние кои ќе излезат на изборна трка. Секако, знам дека станува збор и за ограничени ресурси, ограничено време, кратка кампања, но сметам дека ја пропуштивме можноста да ги доведеме медиумите во функционална состојба за да ја вршат својата вистинска општествена функција со процесот којшто беше започнат во Пржино и никако да заврши.

ЦИВИЛ Медиа: Како ја гледате улогата на Државната изборна комисија и дали сметате дека оваа институција ќе одговори на очекувањата и на законските обврски и овластувања во спроведувањето на изборниот процес? Ова, особено ако се има предвид дека во ДИК има претставници само на големите политички партии. Дали сметате дека експертите во составот на ДИК ќе ја балансираат моќта на партиите во оваа институција?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Немам никакви големи очекувања од Државната изборна комисија. Таа е изборна комисија на четирите партии. Експертите тука се немоќни, а не верувам дека имаат и можност да се движат во рамките на своите експертски знаења, туку целиот овој процес треба да заврши. Како што беше направено Пржино, така и ќе заврши. Од тие причини, не очекувам дека можеме да се потпреме многу на капацитетите на ДИК и тоа од почеток го кажуваме. Да потсетам, Избирачкиот список го затворија четири партии. Извештајот беше доставен до четири партии... Е, па, ете им ја ДИК на четирите партии, нека се радуваат на својот формален успех!

ЦИВИЛ Медиа: Дали со изборите во декември ќе се решат или ќе се продлабочат проблемите?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Тоа ќе биде фаза во решавањето на проблемите. Проблемите се многу побројни, а сега ќе излезат и вистинските проблеми на површина, веднаш по изборите. Ние влегуваме во нова фаза на кризата од 12-ти декември. Затоа е важно, при изборот на претставниците во Собранието, да се води сметка кој сé треба да биде внатре и граѓаните тука да одлучуваат по сопствена совест.

Суштинските предизвици ќе започнат, не на 11-ти, туку на 12-ти декември. Тие се веќе започнати. Се забележува и во јавноста, постои една голема трезвеност, препознаеност на проблемите... Значи, кај луѓето сé уште важи - дали ќе надвладее инерцијата и определбата само за големите блокови. Ако се случи тоа, проблемите ќе продолжат и ќе се мултиплицираат, бидејќи тие што ги создале проблемите, нема да можат да ги решат сами.

Биљана Јордановска

камера: Џабир Дерала 

                 Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English