ЗНМ: Веднаш да се укине притворот на новинарот Божиновски кој една недела штрајкува со глад!

„Или судијата ќе го ослободи Зоран Божиновски од притвор или штрајкувајќи со глад, тој ќе умре во затвор“, изјави Насер Селмани, претседателот на Здружението на новинари, загрижен за здравјето на новинарот Божиновски, кој од 14-ти септември штрајкува со глад во истражниот затвор во Шуто Оризари, каде што е во притвор. Управата на затворот за ова не ги информирала ни Народниот правобранител, ни неговите адвокати, иако Божиновски тоа го побарал.

„Адвокатот ни пренесе, дека тој е решен да оди до крај, или судијата ќе го ослободи од притвор или ќе умре во затвор! Убеден е дека во притвор нема услови да ја подготви одбраната. Ја повикуваме судијата Сандра Крстиќ, веднаш да го укине притворот на колегата Божиновски, во спротивно, неа лично ќе ја сметаме за одговорна за евентуалните последици по здравјето и животот на колегата, што ќе настанат поради продолжувањето на штрајкот со глад. Исто така, го повикуваме Народниот правобранител да го посети Божиновски во затвор и да се увери во неговата здравствена состојба, како и навремено да ги предупреди институциите за последиците ако не постапат соодветно на ситуацијата“, изјави Селмани.

Според Селмани, притворот за Божиновски  не е мерка за обезбедување, туку казна, а двојните аршини на судските органи во земјава се повеќе од очигледни.

„Ако судот ценел дека поранешниот премиер Никола Груевски од позиција на лидер на владејачка партија не може да влијае врз сведоците и истрагата, уште помали се можностите врз сведоци да влијае еден новинар. Ако судот смета дека поранешни министри, осомничени за 15 тешки кривични дела, нема опасност да ја напуштат земјата, уште е помала веројатноста новинар да ја избегне правдата“, е ставот на Селмани.

На барањето на ЗНМ за укинување на мерката притвор, се приклучи и Европската федерација на новинари, чиј Генерален секретар Рикардо Гутиерез е во Македонија.

Гутиерез го изрази своето разочарување од Кривичниот суд кој воопшто не одговорил на барањето на Европската федерација, да добијат дозвола да го посетат Божиновски.

„Последниот пат кога бев во Македонија новинарот Томилав Кежаровски беше уапсен, денес во притвор штрајкува со глад новинарот Божиновски. До Платформата на Советот на Европа за регистрирање на прекршување на правата на новинарите, од формирањето на платформата во 2015-та година, имаме пријавено осум случаи. Само за споредба, во истиот тој период, за Албанија пријавивме четири случаи“, посочи Гутиерез кој ја потсети Владата дека во април годинава ги потпиша препораките на Советот на Европа.

„Дури и земји како Турција и Русија, одговараат на овие пријави , а Македонија за ниту еден од овие осум случаи за кои сме алармирале, не одговорила“, изјави Гутиерез.

DSCN9392

Генералниот секретар на Европската федерација на новинари, побара од македонската Влада да одговори што направила за да ги следи препораките на Советот на Европа кои ги потпишала, што прави за да ја подобри состојбата со медиумите и кои активности ги презема за заштита на новинарите и нивните извори.

Марија Теговска

Камера: Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email