Судењата на политичарите ќе чекаат разврска на изборната трка!

Одложени судењата за случаите против Заев и Демири, нема мерки за претпазливост за Мијалков и Грујовски за случајот „Трезор„

Кривичниот суд во Скопје и денеска го одложи рочиштето на судскиот процес за случајот „Поткуп" во кој е обвинет претседателот на СДСМ Зоран Заев. Тој денеска изјавил дека неговиот адвокат, Ване Андреев имал проблеми со возилото, а останатите двајца од тимот на неговата одбрана, адвокати Филип Медарски и Јаким Наумов, биле отсутни „поради здравствени причини“. Судењето за случајот „Поткуп“ почна во јануари годинава, со повеќекратно одложување на рочиштата. Последен пат, судењето беше одложено на 22-ри септември, кога бранителите на Заев ја известиле судијката Дијана Груевска-Илиевска дека нивниот штитеник е на службено патување во Тирана, на состанокот за мониторинг на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Следното рочиште е закажано на 2-ри декември, со можна алтернатива на 20-ти декември, по одржувањето на предвремните парламентарни избори.

zoran-zav-putch

Заев е обвинет дека како струмички градоначалник наводно побарал поткуп од 163.924 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов, по 2 евра за квадратен метар градежно земјиште во Струмица, кое Николов сакал да го приватизира, а средствата наводно, требало да бидат поделени и наменети за Заев и за изградба на црква во Струмица.

Денеска во Основниот суд Скопје 1 беше одложено и судењето против членот на Левица и кандидат за пратеник во Првата изборна единица, Мариглен Демири, обвинет за нанесување штета со кршењето на стаклата на Народната канцеларија на претседателот, Ѓорге Иванов, откако судијката Добрила Кацарска, на само десет минути пред судењето го добила вештачењето од Државното правобранителство, за утврдување на штетата.

13458594_989092617875874_7253211693375281178_o

Судењето е одложено за 24 јануари 2017, а според судијката се работи за неоправдано одолговлекување на рочиштата: „Државен правобранител да му прави трошоци на Судот со одлагања на рочишта е несериозно во најмала рака“. Адвокатот Сашо Дуковски пак, потенцираше дека се работи за вина „единствено на застапникот на државата, олицетворен во Државното правобранителство на Република Македонија. Не може, кога имате време од речиси два месеци, без два дена, да доставувате докази пет минути пред да почне рочиштето“. Левица излезе со став дека процесот против Демири е политички мотивиран, за да се изврши притисок од власта врз нејзините членови.

Основниот суд Скопје 1 денеска одби уште една жалба на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) против решение на судија за претходна постапка за неопределување мерка претпазливост за тројца осомничени од случајот „Трезор“. Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 донесе решение „со кое решението на судијата на претходната постапка се потврдува и жалбата на СЈО за определување мерки на претпазливост за сите три лица се одбива како неоснована“, се вели во одлуката. Во „Трезор“ се осомничени ексчелникот на УБК, Сашо Мијалков, ексначалникот на Петтата управа Горан Грујоски, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски и членот на УО на Телеком, Небојша Стајковиќ.

Print Friendly, PDF & Email