Прес на ЦИВИЛ, 10:35: Проблеми со Избирачкиот список, кршење на молкот, фотографирање на гласачи, грубо однесување на еден набљудувач…

Извештај од обработените извештаи од набљудувањето до 10 часот, презентиран на прес конференцијата во прес центарот на ЦИВИЛ во хотел Сити Парк во 10:35 часот.

Набљудувачите на ЦИВИЛ (307) се распоредија низ целата земја и го набљудуваа почетокот на референдумското изјаснување во Република Македонија.

На самиот старт се забележани помали технички проблеми. Не работат УВ ламбите во неколку избирачки места во општина Петровец.

Во неколку скопски општини се нотира доцнење на отворањето на избирачките места. Оние избирачки места каде што доцнењето е подолго од 15 минути, избирачките одбори имаат обврска за исто толку време да го продолжат гласањето на тоа место.

Видливи се трагите од кршењето на изборниот молк во голем број општини низ целата земја. Некои графити се и на самите училишни згради каде што се одвива гласањето, како што е случајот во Јегуновце и Петровец.

Нашите набљудувачи од општина Бутел лично сведочеле на едно крајно неумесно однесување на акредитиран набљудувач од одредена невладина организација. Според извештајот, се работи за ситуација во која еден повозрасен гласач љубезно прашал каде се наоѓа одредено избирачко место. Одговорот на набљудувачот бил „Оди прашај си го Заев каде е тоа… Гласај на гробишта…“, а потоа уследиле непристојни зборови. ЦИВИЛ располага со детални податоци за бројот на избирачкото место и за името на набљудувачот. ЦИВИЛ апелира до сите набљудувачи да бидат пристојни и строго да се придржуваат кон Кодексот за набљудување и кон Изборниот законик.

Од извештаите на набљудувачите на ЦИВИЛ издвојуваме:

Од балконот на зградата спроти основното училиште Браќа Миладиновци, Струга, три лица, чии податоци се познати на ЦИВИЛ, ги фотографираат сите гласачи што одат на гласање во избирачките места во тоа училиште.

Во ОУ „Толи Зордумис“  во Куманово, на ИМ 955 еден брачен пар не бил на Избирачкиот список, па ги препратиле во ИМ 955/1, каде што го пронашле само сопругот, додека сопругата не била во можност да си го оствари правото на глас, бидејќи ја немало ни таму.

На истото ИМ 955, при кинење на ливчето, тоа се скинало каде што бил ставен печатот. Ливчето го залепиле со самолеплива лента и му било дадено на гласачот. На овој начин е нарушена тајноста на гласањето, бидејќи сите од комисијата, при пребројување на гласовите, ќе знаат како гласал граѓанинот.

Двајца гласачи нема на Избирачкиот список ни во ИМ 2843, општина Центар.

На Фејсбук профилот „Бојкотирај референдум“ има пост на кој пишува: „Сликајте ги и снимајте ги изродите на македонскиот народ што ќе излезат да гласаат утре! По референдум „почесто“ ќе ги објавуваме.“ Овој пост има околу 80 споделувања, но речиси сите кои го споделиле статусот се луѓе од други земји или се лажни профили.

Во ОУ „Адем Јашари“ во општина Чаир на избирачко место 2879 едно лице си направи селфи како го става гласачкото ливче во кутија за гласање. Беше предупреден од член на избирачка комисија.

ЦИВИЛ се залага за максимално почитување на правото на глас и ги охрабрува граѓанките и граѓаните тоа право и да го искористат. ЦИВИЛ не води кампања, ниту ЗА, ниту ПРОТИВ, а го уважува и правото на гласачите да апстинираат, но остро се спротивставува на говорот на омразата, притисоците и поткупот.

ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да пријават поткуп, притисоци и закани на онлајн пријавата на веб страницата Слободни избори или на телефоните: 02 / 5209 176, 070 / 461 480. Тимот за анализи и координација на ЦИВИЛ отвори прес центар во 6 часот утрово и ќе биде отворен до полноќ.

Print Friendly, PDF & Email