Секој збор и постапка се скапоцени!

По повод Меѓународниот ден на мирот, ЦИВИЛ – Центар за слобода им се приклучува на сите мирољубиви луѓе ширум светот, во потрагата по еден ден, целосно исполнет со мир, слобода и демократија, со пораката дека сите подеднакво заслужуваме да живееме во мир, слобода и достоинство!

Со Резолуција на Генералното собрание на ООН од 2001 година, 21 Септември е прогласен за Меѓународен ден на мирот. И оваа година, на 21 Септември, Меѓународниот ден на мирот, мирот е достижен само ако заеднички се избориме и ги надминеме сите меѓусебни недоразбирања, ги почитуваме човековите права и слободи и веруваме дека сите подеднакво заслужуваме да живееме во мир, слобода и достоинство.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува сите граѓанки и граѓани во Македонија, своите членови и поддржувачи, активистите, волонтерите, граѓанските здруженија, но и политичките субјекти, на овој ден, искрено да посакаат и да делуваат за ширење на мирот, не заборавајќи ги оние на кои им е потребна помош и разбирање во нивната борба за достоинствен живот. Секој поединец треба да придонесе кон надминување на омразата, предрасудите, национализмот, насилството и култот кон оружјето, а сите заедно, може да испратиме моќна порака за мир. Секој збор и постапка се скапоцени. Носителите на јавни функции треба да изразат јавна поддршка на мирот и да ја манифестираат преку конкретни чекори и мерки и да тежнеат кон светски мир.

ЦИВИЛ изразува надеж дека незаинтересираноста за мирот наскоро ќе стане минато и дека Македонија повторно ќе стане земја во која мирот се негува и се промовира, како од институциите, така и од граѓанките и граѓаните, кои заеднички ќе се соочат и ќе изнајдат начини за борба против меѓуетничките конфликти, сиромаштијата, гладот, социјалната нееднаквост, деградацијата на животната средина, корупцијата...

На 19 септември 2013, ЦИВИЛ поднесе иницијатива до Собранието на Македонија, 21 Септември - Мешународниот ден на мирот и 10 Декември - Меѓународниот ден на човековите права, да бидат прогласени за национални празници.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish