СЛОБОДНИ ИЗБОРИ ЗА СЛОБОДНО ОПШТЕСТВО

Локални избори 2017: Што претходеше, што треба да се направи, кои се ризиците пред нас?

ЦИВИЛ – Центар за слобода организира конференција под наслов „Слободни избори за слободно општество“, на која поканува експерти, аналитичари и претставници на граѓанското општество да ги презентираат своите наоди и препораки за изборниот процес, особено во тринеделниот период на официјална предизборна кампања. Конференцијата ќе се обиде да даде одговор на прашањето: Што претходеше, што треба да се направи и кои се ризиците пред нас, во контекст на локалните избори во Република Македонија?

Конференцијата ќе се одржи на 25 септември (понеделник), од 11 до 13 часот, во просториите на Клубот на новинарите. Оваа активност е дел од проектот Слободни медиуми за слободно општество, поддржано од Федералното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

На конференцијата се поканети и медиуми, НВО, институции, политички партии и заинтересирани граѓанки и граѓани. Тие ќе имаат можност да поставуваат прашања или коментари со должина до една минута, по излагањата на говорничките и говорниците на Конференцијата.

Потврдени говорнички и говорници: Неговата екселенција Томас Герберих, Амбасадор на Сојузна Република Германија, Крис Хеншо - Директор на Националниот демократски институт (НДИ), Зоран Трајчевски - Директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, проф. Мирјана Најчевска, експертка за човекови права, проф. Осман Кадриу - универзитетски професор, проф. Сашо Орданоски - политички аналитичар, универзитетски професор и член на Експертскиот борд на ЦИВИЛ, Сандра Гавриловска - адвокатка, правна експертка и членка на Експертскиот борд на ЦИВИЛ, Александар Новакоски - адвокат, правен експерт, поранешен претседател на ДИК и член на Експертскиот борд на ЦИВИЛ, Драган Малиновски - адвокат, правен експерт и поранешен претседател на Државна комисија за спречување на корупција, Благица Димитровска - Претседателка на Инклузива - здружение за промоција и развој на инклузивно општество, Џабир Дерала - ЦИВИЛ. Се очекуваат одговорите од уште неколку поканети говорници.

Дополнителни информации

ЦИВИЛ – Центар за слобода го набљудува изборниот процес од почетокот на годината. Мониторингот се спроведува преку долгорочни набљудувачи, како и преку соработничката мрежа од активисти, дописници и граѓански новинари. За набљудување на денот на гласањето, ЦИВИЛ ќе акредитира најмалку 106 набљудувачи.

Изборниот мониторинг на ЦИВИЛ е овозможен преку проекти кои вклучуваат изборни аспекти или се специфично дизајнирани за таа намена. Активностите на ЦИВИЛ поврзани со мониторингот на локалните избори во Република Македонија 2017 година се финансирани од Федералното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy) и USAID's Civic Engagement Project. За секој дополнителен извор на финансирање, ЦИВИЛ веднаш ќе ја извести јавноста.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish