МВР не ги објавува извештаите на „Внатрешната контрола“

Последниот извештај за работата на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди - СВКПС, кој е објавен на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи, се однесува на првата половина од 2015 година! Тоа значи дека МВР доцни, односно не објавила два шестмесечни извештаи, за втората половина на 2015-та и за периодот до крајот на јуни 2016-та.

ЦИВИЛ Медиа се обиде да добие одговор од МВР, за причината поради која овие извештаи за кои претходно било пракса редовно да се објавуваат, досега не се објавени. Од МВР, и покрај телефонската комуникација и испраќањето на прашања по маил, одговор не добивме.

„Јас не би рекол дека нема извештаи, има месечни извештаи кои СВКПС ги доставува, но тие не мора секогаш да бидат публикувани. Можеби постои технички проблем зошто не се објавени на сајтот, но генерално, не постои таква тенденција, затоа што секторот функционира нормално“, одговори Оливер Андов, актуелен дополнителен заменик-министер и ексминистер кој само еден ден раководеше со МВР, на прашањето во емисијата Ноќен Експрес на Радио Канал 77.

Од досега објавените извештаи може да се забележи дека во првата половина од 2015-та има поголем број на преземени мерки за проверка на случаи на посочени пречекорувања на овластувања и злоупотреба на службената положба (831), споредено се претходните години (2014, 2013, 2012 и 2011). Во овој период, зголемен е бројот на анонимно поднесени претставки, што зборува за тоа дека граѓан(к)ите се плашат да го откријат својот идентитет.

Од вкупно 831 случаи, за 21 вработен е изречена постапка за надомест на материјална штета, седумина вработени се пратени на психијатриски преглед и одземено им е оружјето, а само еден вработен е суспендиран од работното место. И покрај тоа што во првото полугодие од 2015 година, до СВКПС, пристигнале најголем број на претставки, споредено со минатите години, бројот на поведени постапки и санкционирани вработени, забележува тренд на намалување!

Во очекување на одговор од МВР, останува отворено прашањето зошто во моментот кога бројот на случаи во кои вработени лица во ова Министерство, ја злоупотребуваат положбата и ги пречекоруваат овластувањата се зголемува, бројот на санкции се намалува, а во истиот тој период, СВКПС престанува и да ги објавува извештаите.

Марија Теговска

Print Friendly, PDF & Email