Демолирани партиски штабови

Непознати лица демолирале синоќа три партиски штабови на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје. Станува збор за три месни комитети – „Васил Главинов“ и „Рајко Жинзифов“ во населбата Топана и „Александар Македонски“ во Чаир.

Членот на комитетот „Рајко Жинзифов“, Петре Велковски за Цивил-Медиа изјави дека кој и да го направил тоа, ивршил дело кое фрла сенка на изборниот процес.

„Демолирањето се случило синоќа на полноќ. Ова некој го направил намерно, но ние мислиме дека сторителот е од друга населба, бидејќи ние имаме добри односи со сите граѓани тука, без оглед на тоа на која партија припаѓаат“, рече Велковски.

Член на комитетот „Васил Главинов“ ни изјави дека полицијата го посетила местото и почнала постапка за расветлување на случајот. Тој исто така смета дека сторителите се од некоја друга населба.

Исто така во Чаир е демолиран штаб на СДСМ. Штабот кога го посетивме денеска беше затворен и немаше никој за да ни даде подетални информации за случајот.

Во исто време, набљудувачот на Цивил од Прилеп извести дека во селото Канлар од засега непознати лица е демолиран штабот на ДУИ.

Во сите случаи сторителите искршиле прозорци и врати на партиските штабови. Полицијата презема мерки за расветлување на случаите.

Aрбана Ќерими

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian