Река: Година на труење со гнев, закани и омраза

 

Кога би имала опција за отстранување на сите душевни болки и рани што ни ги предизвика 2016 година, од сé срце би ги избришала...

hqdefault-1

Пишува: Валбона Река

Да бев писателка, ќе напишев еден роман, како оние од Достоевски или Балзак. Ако ме прашате, кому би му ги посветила тие страници, стихови, еве ќе ви кажам: ќе ги посветев на убиството на малиот Алмир, на мајките што не се спасија во породувањата и нивните бебиња што не успеаја да го запознаат животот, на гладните семејства, на бегалците што ги преполнија улиците низ светот и на нашата држава...

Ќе пишував за семејствата што ги доживеаја разните природни катастрофи и кои сé уште немаат покрив над главите, за невините жртви кои претставуваат едно големо ништо во очите на платениците и нарачателите, и кои сега се распаѓаат под земја, или бегаат, или невини лежат по затвори...

Мојот роман би го посветила на многу болки. Главните, негативни протагонисти, предизвикувачи на овие страдања, ќе беа криминалците и корумпираните, коишто освен личната придобивка, немаа никаков идеал и визија за нашата држава. Тие немаа ниту желба, ниту волја да направат сите граѓани да бидат третирани како еднакви човечки битија, независно од етничката припадност или јазикот на кој говорат. Овие актери константно ги хранеа и труеја граѓаните со гневни рефрени, закани и омраза. Од сето ова не бевме поштедени, со наши уши ги слушнавме во прислушуваните разговори, и сé уште ги слушаме на нивните јавни настапи. Оваа комплетно погрешна реторика, не само што ги замрзнува меѓуетничките односи, туку направи и внатре-етнички поделби.

Друга точка која би ја опишала, и што всушност, ме прави достоен борец за чиста и здрава животна средина, е загадениот воздух, отровот што секојдневно го вдишуваме. Ќе пишував и за узурпацијата на парковите со многубројни и грди градби кои постојано ги отежнуваат условите за живот на граѓаните. Ќе пишував и за спомениците што предизвикуваат омраза кај другиот. Ќе пишував за запоставените села...

Но, сепак, ќе кажам дека во 2016 година доживеав и големи позитивни промени. Гласот на слободниот говор одекна и тоа е единственото светло во темниот тунел, во темнината за која мислевме дека е бескрајна. Тоа е храбриот глас на неколку млади девојки и момчиња, жени, мажи, студенти..., кои започнаа со движењето за промени.

Романот ќе им го посветев и на оние кои имаа храброст да ни ги отворат очите, водителите во една поинаква иднина, за една, единствена држава со еднакво третирани граѓани.

Ќе пишував за отворени умови, толеранција, почит и љубов...

Мојата порака за крај: Оваа наша држава, ваква шарена, треба да ја цениме и почитуваме токму заради тоа. Овие предности треба да ги негуваме. Затоа што убавината на живеењето е токму во различноста, шаренилото, во учењето на јазиците и културите на другите, во почитта кон другиот за тоа што тој е, и, во почитта кон животната средина и природата.

За посреќни денови во Новата година!

 

(Авторката е еко-активистка. Во колумната се изнесени лични ставови на авторката.)

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian