АПЕЛ ЗА МИР И ТОЛЕРАНЦИЈА, НАСПРОТИ НАСИЛСТВО

„Не се работи за вас, се работи за нас, граѓаните!“, беше заедничката порака на невладините организации и граѓаните кои денеска излегоа во Скопје за јавно да побараат прекин на насилствата и хулиганизмот и одговорност од надлежните субјекти за смирување на ситуацијата

131 (Small)Цивил- Центар за слобода и неговите партнери и пријатели, над 15 невладини организации, како и мирољубиви луѓе, граќанки и граѓани, излегоа денеска во центарот на Скопје, кај споменикот на Мајка Тереза, за јавно да го осудат директното и сурово насилство кое во поеследно време е во пораст.

Преку улична средба, која ја именувавме “Press4peace“ (Притисок за мир), во присуство на голем број медиуми, заедно упативме остра осуда за хулиганизмот , воедно и повикавме на одговорност на владините институции.

Владата, порачавме, ги има сите механизми на располагање со кои меѓуетничките односи може да се подобруваат, а не да ескалираат омразата и насилството.

Побаравме манифестација на искрена политичка волја од политичките партии и институциите на национално и локално ниво да се справат со корените на конфликтите по различни основи, во овој случај меѓуетничкиот конфликт. „Тие мораат да бидат одговорни и за растечкиот интраетнички раздор. Поентата не е само да се смирува ситуацијата кон која токму институциите придонесоа со своите погрешни политики“.

Press 4 Peace“Време е да се започне со искрен дијалог и вистински мерки за градење доверба. Веднаш! “- беше една од пораките на организаторите и учесниците на протестот против насилството и валканите политички игри.

Не помалку важен повод за револт ни е и фактот што во овие застрашувачки инциденти, голем дел од учесниците, како и жртвите на насилствата се малолетни лица.

“Ова е неприфатливо и веднаш мора да престане!  Поштедете ги децата и младите од опасните и валкани политички игри, бидејќи тие заслужуваат повеќе!“- порачавме.
100 (Small) (1)Покрај подршката која ја имавме од повеќе невладини организации и здруженија ширум Македонија, ова наше излагање и уличната средба немаше да бидат така впечатливи и моќни без присуството на Влатко Ристески, граѓански активист од ОДРАЗ (Организација за демократска реакција и асоцијација на здруженија).  Гласно и самоуверено, низ градските улици, преку Камениот мост и целата Стара скопска чаршија, како песна ја пренесе пораката.

- “Луѓе, пријатели, Албаници и Македонци, муслимани и христијани, исти сме сите ние!  Јас сум Влатко од Прилеп, а вие, мои пријатели! Да не дозволиме да не разделат!“, велеше на секој чекор и се ракуваше со старите занаетчии, чајџиите, мајсторите и случајните минувачи.

Невладините организации и другите учесници на оваа „улична средба“, на самото место на средбата, преку медиумите, но и низ директните контакти со граѓаните, со кои се сретнаа при својот марш од споменикот на Мајка Тереза до центарот на Старата Скопска Чаршија, им порачаа на одговорните за состојбите во државава дека сакаат мир.

„Не се работи за вас, се работи за нас, граѓаните!“, беше нашата заедничка порака.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English