„Еколошки информатор“: Битола сака чист воздух

Здружението „За нас се работи“ од Битола, во рамки на проектот „Граѓанска вклученост во решавање на проблемите во животната средина“, го презентираше првиот број на „Еколошки информатор“. Информаторот е онлајн медиумски продукт со цел будење на свеста на битолчани за нивно активирање и вклучување во заштита на животната средина. На крајот на Информаторот е поместен и Еко речник за подобро разбирање на терминологијата и за информирање за поимите кои сите ги засегаат.

Здружението започна како иницијатива на неколку ентузијасти од Битола кои минатата година ја промовираа граѓанската иницијатива „Битола сака чист воздух“. Високиот степен на загаденост, големиот морталитет и детектирањето на сè поголемиот број депонии во битолскиот регион, ги поттикна активистите на решавање на проблемите, во соработка на граѓан(к)ите со надлежните органи.

„За жал сè понатаму што требаше да преземе Општината, на чело со актуелниот градоначалник, не се оствари. Повторно сè остана на празни ветувања..После сето ова, бевме приморани на некои нови акции и делувања. Го закажавме првиот наш протестен марш на 4 ноември 2014, денот на ослободувањето на Битола. На истиот, според многу податоци, присуствуваа 3.500-3.700 граѓани, бројка на која сме и тоа како горди. Увидовме дека Битола се буди и ќе се бори за основното човеково право – право на чиста и здрава животна средина“, пишува во во Еколошкиот информатор.

Успешниот протест им даде сила на битолските активисти да продолжат со акциите и настаните. Се појавија пред претседателот на Македонија и неговата делегација на ре-отварањето на Зоолошката градина во Битола - со транспарентот „Битола сака чист воздух“, го бојкотираа Денот на дрвото поставувајќи транспарент „И тука некогаш имаше дрвја“ на влезот на пораешната касарна во Битола, во соработка со „Еко свест“ и „Фронт 12/24“, доставија барање за собраниска расправа во Собранието на Република Македонија, а по континураното игнорирање од градоначалникот на Битола, Владо Талевски, организираа уште еден протест, на 13 декември 2014.

Со почетокот на оваа година, здружението се активираше во проектот „Информирај се, едуцирај се, активирај се“ на УСАИД, што го спроведува Фондацијата Отворено општество Македонија. Во рамките на проектот, активистите од здружението „За нас се работи“ посетија повеќе битолски месни заедници, организираа трибини за запознавање на граѓан(к)ите со нивото на загаденост во нивната средина, и ги повикаа на нивно активно вклучување во решавањето на проблемот. Исто така, дел од нивните активности се еко-патролите на територијата на Битола.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги поддржува активистите од здружението „За нас се работи“ и им честита на првиот број на „Еколошкиот информатор“. Им посакуваме успешна и истрајна борба за остварување на човековото право за живот во здрава и чиста средина.

Print Friendly, PDF & Email