Новески: 1.350 жртви годишно во Македонија заради загадениот воздух!

„Загадениот воздух во Скопје не е креиран сам по себе, само заради тоа што Скопје е во котлина и има магла во зима. Ова загадување е создадено од човечка рака. Од индустриските капацитети, од автомобилите, од градилиштата, од греењето...  Тоа значи дека може со човечка одлука да се подобри воздухот во Скопје“, вели во разговорот за ЦИВИЛ Медиа, еко-активистот Игор Новески.

Денешниот „Протест за чист воздух и здрави деца!“, како што посочува Новески, има за цел да ја зајакне свеста кај граѓан(к)ите за ризиците од аерозагадувањето, а надлежните институции да стават приоритет на прашањата за животна средина.

„1.350 луѓе гинат годишно во Македонија заради воздухот.  Четири граѓани дневно гинат поради воздухот. Намерно го користам терминот 'гинат', бидејќи зборуваме за жртви од загадениот воздух, исто како жртви од поплава или од пожар“, појаснува Новески.

postr

Организаторите на протестот побараа за денеска и средби со градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и со премиерот Емил Димитриев, за лично да им ги врачат барањата од граѓан(к)ите. Одговор за средба сé уште не добиле.

Протестот е закажан за денеска во 17 часот, кај фонтаната во Градскиот парк. Организатори на протестот се граѓани и еко-активисти, кои потенцираат дека протестот е граѓански и не е поддржан од ниту една политичка партија.

Според објавените податоци од Институт за јавно здравје, аерозагадувањето е причинител на низа болести, ја влошува состојбата на веќе болни лица, а може да доведе до смрт. Д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје, за „Нова Македонија“ изјави дека „од вкупните причини за смрт, на инфарктите отпаѓаат 22 проценти, 25 проценти - на мозочните удари, а 4,6 проценти - на ракот на белите дробови. Се смета дека во нивната етиологија, аерозагадувањето учествува со 20 до 25 проценти“.

М. Теговска

 

Print Friendly, PDF & Email